Македонскиот филм „Шеќерни луѓе“ добитник на уште три награди

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“, во режија на Сузана Диневски – „Сузи кју продукција“, е награден со уште 3 нови награди: за најдобар краткометражен филм на тема жени (Best Women’s Issue Short) на Фестивалот на независен филм во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати (Dubai Independent Film Festival), за најдобар европски краток филм (Best European Short) на Фестивалот на краткометражни драмски филмови (Night of Drama Shorts) во Италија и за најдобра актерка во краткометражен филм (Сара Климоска) на Меѓународниот филмски фестивал „Лулеа“ во Шведска (Luleå International Film Festival).

Филмот „Шеќерни луѓе“ досега има освоено вкупно 10 награди во разни категории на повеќе меѓународни фестивали за краткометражни филмови. Воедно, филмот се прикажа и е во селекција на 32 филмски фестивала во САД, Канада, Англија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австрија, Шведска, Албанија, Турција, Романија, Обединети Арапски Емирати, Парагвај, Венецуела и во Аргентина.

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи кју продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.

Претходна вестЗатвореник од Идризово крадел во Скопје
Следна вестСпасовски: Инцидентот во Охрид е дел од хибридна војна, тепаниот и тепачите се од иста групација