Маричиќ ќе оди ли во Софија за да им објасни дека тој веќе преговара за влез во ЕУ

Македонските власти веќе неколку месеци уверуваат дека Македонија ги започна преговорите за членство во ЕУ. Особено кога немаше со што друго да се пофалат тие ги апострофираа почнатите преговори иако за многумина во земјава скринингот кој се врши не е реалното започнување на преговори со ЕУ туку подготовка за тоа.

И така, остана дилемата – преговараме со ЕУ или не…

А се почна од 19-ти јули минатата година кога беше одржана првата меѓувладина конференција во Брисел, а кога македонскиот премиер Димитар Ковачевски дека се случил историски настан за Македонија.

-Започнавме со преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија. Со овој чин земјава ја започнува последна етапа од долготрајниот пат за евроинтеграција. Денешниот ден е историски за нас, изјави тогаш Ковачевски.

Претставниците на ЕУ, пак, тогаш најавија дека веднаш започнува процесот на скрининг, првата подготвителна фаза од преговорите, преку која ќе се утврдува колку македонското законодавство е усогласено со законите на Унијата. Но, и тогаш беше кажано дека натамошните преговори се условени: со барањето на Бугарија за додавање на бугарскиот народ во Уставот на Македонија. 

Но, и покрај ова, македонските владини функцинери пред домашната јавност и натаму остануваа на тоа дека преговорите се отворени.

-Де јуре и де факто, процесот започна пред два дена на 19 јули кога ја одржавме првата меѓувладина конференција која ја означува последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на прес-конференцијата во Владата два дена по враќањето од Брисел.

Вчера околу ова прашање, индиректно, се вклучија и бугарски политичари. Врзано за нивните реакции околу инцидентот во Охрид и прашањето дали Бугарија ќе стави вето за преговорите за членство на Македонија во ЕУ тие одговорија дека вето не може да се постави бидејќи македонските преговори за членство реално и не се започнати! Ова завчера го кажа бугарскиот претседател Румен Радев, а вчера и министерот аа надворешни работи Николај Милков.

-Не може да се стави вето на преговорите на РСМ со Европската Унија, со оглед на тоа што тие не се ниту почнати, истакна Милков за Бугарската национална телевизија.

Останува да се види дали македонскиот вицепремиер Маричиќ ќе оди во Софија за да им објасни на тамошмите власти дека тој веќе преговара за влез во ЕУ и дека за тоа веќе има дадено многу изјави и соопштенија во Скопје.

Претходна вестАкадемија Пандев со убедлива победа против Раднички Ниш
Следна вестПознати петорките за „ол-стар“ натпреварот во НБА, Јокиќ и Дончиќ ќе играат за Западната конференција