Мартин Мирчевски, скопјанец кој донира: Со доброто враќам за хуманоста што сум ја почуствувал

Празничните денови вообичаено се и периоди која кај луѓето се буди и поривот за хуманост. Чувството е дека радоста во тие денови треба да ја почувствуваат сите. А неволјата и проблемите кои ги имаат некои луѓе, сигурно, ќе бидат помали ако им се помогне, макар и со малку. Но, за некои луѓе со добро срце овој период е само уште еден во кој до израз доаѓа нивната добрина и желбата да им се помогне на другите. Така, и годинава, во текот на претстојните празници, пак ќе го прават нешто добро, како и во изминативе години.

Таков е случајот и со скопјанецот Мартин Мирчевски, 32-годишен скопјанец, дипломиран економист по професија, вработен во ИТ-индустријата. Тој, деновиве, ја врачи донацијата во пари на Банка за храна на Македонија за да им се помогне на сиромашните, на оние кои немаат доволно. Со тие пари се купени одредени количества на храна и други производи кои, потоа, ќе бидат поделени на најзагрозените.

Ова не е за првпат како Мартин помага. Вака прави веќе петта година по ред. Секогаш кога се големи празници наоѓа начин и средства да донира за луѓе во неволја.

-Така права, оти така чуствувам но и има и посебна причина. Со моето семејство своевремено сме биле во тешка финансиска состојба која понатаму влијаела во формирањето на моите сфаќања за светот. Тогаш сме почувствувале како е тоа кога ќе ти помогне некој кога ти е најпотребно, како е тоа кога некој со тебе ќе ја сподели тешката сосотојба. Верувам дека тука некаде во мене се раѓа тој порив да се помогне на оние кои имаат потреба, ни објаснува Мартин.

Оваа година во соработка со „Банка за храна – Македонија“ пакети со помош ќе бидат доставени до две здруженија – „Порака Неготино“ „Рето Надеж“ и дел со семејства од Радовиш.

-Во изминатите години, имам остварено соработка со неколку здруженија кои работат со донации, а една година однесов храна во семејство во соседството каде живеам. Донациите се комбинација од парични средства кон здруженијата и пакети со храна кои заедно со моите најблиски сме ги доставувале до загрозени семејства, ни вели овој хуман скопјанец.

Тој додава дека ова ќе го прави и во секоја следна година, се додека може.

-Секако дека ќе продолжам. Веќе ми е станато како традиција која ќе инсистирам да ја продолжам, особено што кон неа се приклучуваат моите најблиски. Убаво е чуството да се помага. Тоа е мешавина од емоции, од една страна благодарност, од друга страна тага дека тука не запира овој проблем, потенцира Мартин.

Тој смета дека нашиот народ е многу хуман и дек аимаме многу успешни хумани приказни.

-Можеме и треба да се стремиме кон повеќе со обединување на луѓето кон хумани цели. Не секогаш потребната помош е пакет со храна или парични средства, понекогаш е доволен разговор и пријателски совет, препорака, или подадена рака за личност да се качи во автобус. Верувам дека секоја личност се стреми за подобра иднина за себе и најблиските, ни рече овој хуман скопјанец.

Претходна вестМакедонски државјанин во Виена обвинет дека држел девојка како сексуална робинка
Следна вест„Македонска реч“ го објави третиот том од проектот Избрани дела од Горјан Петревски