Олеснување на полагањето на државната матура побара денеска Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Таа до Собранието и Владата ќе испрати барање за олеснување на полагањето државна матура за годинашната генерација – или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.
-Тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години – бевме зафатени со корона-кризата и имавме година и пол онлајн настава и дојавите за бомби. Во меѓувреме имаше и други фактори, така што ние матурантите сме најоштетена генерација и не сме имале една целосна непрекината учебна година, изјави Анисија Угриновска, претседателката на ОДАС.
Таа додаде дека доколку нивното барање не биде исполнето, во тој случај ќе најават протест. Истовремено, ОДАС се огради од денешниот протест на дел од матурантите пред МОН.
По однос на ова барање и во врска со денешниот протест, претседателот на Сојузот на средношколци на Македонија, Лука Павиќевиќ, рече дека треба да се разгледаат сите аспекти.
-За една до две недели ќе имаме Генерално собрание кое ќе се произнесе по ова прашање и Сојузот ќе излезе со официјални барања на средношколците за државната матура. Не е прашање само што би сакала една група на средношколци, туку треба да се размислува за сите, бидејќи има повеќе интереси на учениците што се во конфликт – тие што сакаат да се запишат во странство, тие што сакаат да се запишат на студии тука, тие што можеби не ни сакаат да се запишат на факултет, рече Павиќевиќ.
Според сегашното решение, матурантите полагаат два екстерни и два интерни предмета и проектна задача. Тестот по првиот екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литература е закажан за 27 мај, а на 10 јуни, според календарот на Државниот испитен центар, треба да го полагаат вториот екстерен испит – избор меѓу предметите математика, англиски јазик, француски, германски, руски јазик, филозофија или естетика.
Дел од матурантите денеска излегоа на протест пред МОН и бараат да им се укине полагањето на матура. Тие велат дека како генерација изминатите години имаат многу изгубено од наставата.
-Првата година беше корона кризата и бевме оставени дома, а неколку месеци немавме и настава. Потоа цела година бевме на онлајн настава и практичната настава се изгуби. Минатата година тргнавме на училиште, но кај професорите имаше многу заболени од корона и се губеа часови. Оваа година немаше редовен јавен превоз за да може навреме да стигнуваме на училиште, а и заради дојавите за бомби, кои се уште ги има, се изгубија многу часови. Сакаме од МОН да ни излезе во пресрет да ни се скрати матурата за да може да си ги оствариме нашите потреби за упис на факултет, рекоа матурантите и додадоа дека протестот и неодењето на настава ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања.