Милошоски го пријави во полиција Азири кој се закани со кршење раце и нозе

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски поднесе пријава во полиција против функционерот на ДУИ, Валмир Азири, државен секретар во Министерството за култура за искажаните закани со физичко насилство и говор на омраза. Пријавата се поднесува откако Азири синоќа преку социјална мрежа Фејсбук повика на физичко насилство против Милошоски, со нанесување на телесни повреди. Основата за поднесување на пријавата е член 394 – г од Кривичниот законик.

По вчерашниот инцидент во Собранието на Македонија, кога претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми кон опозицијата фрлаше предмети, Азири на Фејсбук порача:

-Арбер, анти-албанец како Антонио Милошоски заслужува многу повеќе. Заврши времето на сеачите на магла. Новата генерација на Албанци ќе ги крши рацете и нозете на сите оние кои се обидат да понижуваат Албанци.

Со член 394 од Кривичниот законик се санкционира ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем

-Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години, се наведува во првиот став.

Претходна вестАрсовска: Нема да одам на одмор, ќе им се посветам на проектите за Скопје
Следна вестКовачевски: Во овој момент прифатлив предлог за нас нема