Минималните трошоци на едно семејство во февруари се зголемени за 313 денари во однос на јануари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка.
Според денеска објавените податоци, вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари (околу 940 евра) и во однос на јануари кога изнесувала 57.163 денари е зголемена за 313 денари.
Со изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари.
Најмногу пари, односно 21.219 денари се потребни за храна, а потоа за режиски трошоци односно плаќање вода, електрична енергија и греење. За транспорт месечно четиричлено семејство треба да издвои 4.956 денари, а за рекреација и култура 4.245 денари. За двете ставки, лична хигиена и хигиена во домот, односно за здравје, треба да се одвојат вкупно 2.912 денари.