Како позната фудбалска личност, како тренер кој сега веќе има 35-годишно искуство, нашиот познат фудбалски стручњак Ѓоко Хаџиевски има право да зборува за важноста на талентот, но и на сите други фактори, за нечиј успех во спортот. Пред да стане професионален тренер, првите четири години работел како тренер во фудбалската школа на ФК Пелистер –Битола. Дел од таа генерација беа афирмираните фудбалери Митко Стојковски, Петар Милошевски (за жал, не е веќе меѓу нас) Грозданов, Цветановски, Димов, Пресилски, Секуловски …….. Скоро цела една генерација која играше во прва и втората тогашна квалитетна југословенска лига.
Хаџиевски со гордост ни кажува дека до сега, преку работата со млади категории и како професионален тренер, успеал да афирмира повеќе од 50 играчи кои станале првотимци и кои својата каријера ја продолжиле и во странство каде го барале заради нивниот докажан талент.
–Талентот се препознава по очите на детето, тие зрачат со тоа. А тоа колку е итар, снаодлив, покретен дали е победнички менталитет или не, го приметуваш за време на играта. По сите овие години поминати со млади таленти можам со сигурност да кажам едно: Физичките предиспозиции кај секој талент се секундарни. Тие можат да се исправат со работа, а карактерот, детето го носи со себе, тоа е примарно, тоа е најважно, категоричен е овој наш фудбалски експерт.
Но, Хаџивески предупредува дека не е талентот она што гарантира дека некој ќе има успешна спортска иднина.
–Талентот не е доволен за врвни резултати. Пресудна е работата, пресудно е вежбањето, тренинзите, слушање на советите. Многу играчи со помал талент, но многу упорна работа успеале повеќе од некои таленти кои не работале доволно . Но, талент плус многу работа е сигурен успех, гарантира Ѓоко Хаџиевски.
Сепак, тој не ја изоставува и одговорноста на спортските учители, оние кои се грижат и под чиј надзор се развиваат младите таленти. Вели дека, откако ќе се препознае некој талент, најважно е да му се посвети поголемо влијание и да се внесе во квалитетен тренажен процес.
–Она што можам да им препорачам на сите млади фудбалери е тоа да бидат сериозни во пристапот кон тренинзите. На тренинзите да не доаѓаат да се забавуваат туку да ги слушаат советите на тренерите и секој ден да напредуваат. Секој ден да доаѓаат на тренинг со желба да бидат сé подобри, ни ја открива тајната големиот фудбалски учител Ѓоко Хаџиевски.
Пропаѓале и најталентираните
-Сум бил сведок како играчи кои биле меѓу најталентираните во своите генерации, на крајот, не направиле големи кариери. Некои дури беа меѓу најдобрите во младите генерации на македонските селекции. Не би сакал да ги спомнувам нивните имиња, тие си знаат …. И признаваат дека грешката е во нив самите, предупредува Хаџиевски, но останува да се види дали младите ќе го разберат.