Мостот во Аеродром добар за ловење риби, но уште подобар за нов паркинг

Мостот на булеварот „АСНОМ“ во скопски Аеродром никако да се заврши, односно да почне да служи за тоа за што беше наменет. Познато е дека неговата реално и вистинско пуштање во употреба го кочат незавршените предмети околу обештетувањето на граѓаните чиишто имоти треба да се експроприраат за потребите на трасата на булеварот низ населбата Ќерамидница. Во март минатата година скопската градоначалничка Данела Арсовска изјави дека од 2018 година кога е започнат проектот имало 139 парцели и 136 објекти што треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација.

-За три години претходните градски власти успеале да решат 31 предмет, а за 8 влегле во постапка на спор. Ние само за четири месеци решивме 82 предмети, изјави тогаш Арсовска.

До каде е сега обештетувањето на граѓаните не е познато. Познато е и тоа дека решавањето на предметите одвај продолжи бидејќи Арсовска првично немаше намера да го заврши мостот. Во сеќавањето остана нејзината изјава на почетокот на мандатот дека мостот ќе им служи само на рибарите.

-Нема да се заврши, ќе биде мост за ловење риба. Ќе биде нешто што нема никаков ефект и бенефит за граѓаните. Постапката за да се заврши тој мост ќе трае десетина години. Ние ќе почнеме да ги решаваме, но кога ќе ги решиме е прашање на време и не знаеме кога ќе се заврши, изјави Арсовска кон крајот на 2021 година.

Состојбата и денеска е статус-кво. Но, разликата е во тоа што граѓаните последнице месеци му најдоа новата намена на мостот: тој со својот пристапен дел се повеќе служи како паркиралиште. Посетителите на спортскиот центар „Јане Сандански“ но и граѓаните од околните згради се повеќе тука ги оставаат своите возила со оглед дека насекаде околу е потребно да се плаќа паркинг. За среќа, простапот до средишниот дел на мостот е затворен. Очигледно, некоја полза од мостот се најде. За вистинската ќе се почека…

Претходна вестОдбележани 22 година од нападот на полициската станица во тетовско Теарце во 2001
Следна вестМВР: ВМРО-ДПМНЕ да не шири дезинформации, полициските службеници добиваат квалитетна и безбедна храна по најповолни услови