Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје на 11 февруари бележи 60 години од основањето. По тој повод, Музејот организира дневен настан – матине на 10 февруари (сабота), со почеток од 12 часот. На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924-2023).
По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност почнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на МСУ.
Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на музејот, е конзервирано од стручниот тим на МСУ – Скопје и ќе биде претставено пред јавноста, овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр. 35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти што ги адресираат и вончовечките простори.
По формалното обраќање, програмскиот дел за настанот вклучува стручно водење низ тековните поставки со кустос-водичот Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет, во неформална атмосфера.