Муареми најави кривични за Русковска, Трајчева и Јосифовска

Поднесување на кривична пријава против шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, најави денеска директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Причина е незаконскиот претрес во Управата, односно, злоупотреба на службена положба и овластување, за фалсификување службена исправа и за соизвршителство.

Тој обвини дека обвинителките ја злоупотребиле јавно обвинителската функција, поточно со презентирање на лажни податоци до судот, обезбедиле наредба за претрес во Управата за финансиска полиција.

-Ние во старт знаевме дека се работи за блеф, за злоупотреба на функцијата, за прикажување лажни податоци, за немање основ да се бара наредба за претрес. Тоа се докажа и со надзорот на републичкиот јавен обвинител: „Пред Судот дало лажни податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, додека во списите од предметот има само анонимна кривична пријава, рече денеска Муареми.

Тој истакна дека во најмала рака очекувал шеф на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да познава дел, ако не цел, Закон за кривична постапка, како и Законот за јавно обвинителство.

-Обвинителката во барањето до судот навела дека сум сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и дека располага со докази за основано сомнение дека сум го сторил тоа кривично дело. Што во превод значи дека обвинителката кога го поднесувала барањето за претрес до судот располагала со докази каква награда сум примил, од кого сум примил, за што, во кој период и сл. А доаѓа и вади наредба за претрес во која вели „Предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот“. Па кога сум го сторил кривичното дело за кое што тврди дека има основано сомнение дека сум го сторил? 2018, 2020, на денот на претресот?, коментира Муареми.

Тој дополнува дека претресот е направен незаконски и бидејќи, законот предвидува дека кога претрес се прави во државен орган мора да се изврши во присуство на старешината.

-Извршителите на наредбата за претрес – истражителите и двајцата припадници од МВР, како и јавниот обвинител кој раководше со претресот, направија уште една злоупореба, тоа е што истите постапија спротивно тој член од Законот за кривична постапка, кој гласи „Кога претрес се врши во простории на државни органи, институции што вршат јавни овластувања, ќе се повика нивниот старешина да присуствува на претресувањето, вели Муареми.

Тој додаде дека ова што Русковска го направила не е нешто ново.

– Ова е шема на нејзино однесување и делување. Кршење на закони, злоупотреби, закани, додава Муареми.

Претходна вестМНР и МО и одговорија на Захарова: С. Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно
Следна вестГрадот Скопје: Не е неопходно целосно затворање на кејот кај изведба на мостот на „Љубљанска“