Мухамед Зеќири сведочеше против Рашковски: Владата немала одлука да се набави софтвер за сообраќајни прекршоци

На владини седници не се разговарало за двата сфотвери на Драги Рашковски ниту имало одлука да се набави оној за сообраќајните прекршоци, изјави денеска Мухамед Зеќири, поранешен генерален секретар на Владата. Тој сведочеше во судскиот случај против неговиот претходник Драги Рашковски кој е првообвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Рашковски е обвинет дека купил софтвер за сообраќајни прекршоци кој тој го развил и патентирал вреден 81.000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи. Зеќири денеска беше донесен на судењето од куќен притвор во којшто е ставен откако е осомничен во случај за склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“.

– На седниците на Владата на кои што сум присуствувал, не се разговарало за двата софтвери на Рашковски – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација. Генералниот секретаријат нема надлежност да утврдува брзина на движење на возила и да изрекува казни. Нема Владина одлука да се набави ваков софтвер, Набавка за друга институција оди по барање на институцијата, се носи одлука на Влада, се врши набавката и се прави примопредавање кон институцијата, рече Зеќири.

И за софтверот за биометриска идентификација Зеќири посочи дека не бил ставен во функција додека тој бил генерален секретар и потврди дека кабините кои биле набавувани за овој софтвер не биле во Владата.

Околу набавката на софтверот за биометриска идентификација ексдиректорот на Дирекцијата за заштита на дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски сведочеше дека Рашковски  бил предупреден дека според Законот за заштита на личните податоци обработката на биометриски податоци се дозволува само во исклучителни ситуации. Уште кога Рашковски го набавувал софтверот добил известување во кое било посочено да внимава на овој закон. Евидентирање на работно време на вработени со биометрија има само во одредени случаи.

-Согласно со Законот за заштита на личните податоци во тој период, домашната практика, сите искуства од меѓународно ниво, општ став е дека за биометријата постојат најригорозни ограничувања и се дозволува во исклучителни ситуации,  за одредени патогени од јавното здравје и други дејности каде што може да дојде до масовно загрозување на јавното здравје. Во такви случаи може да се даде одобрение за употреба на биометрија, додаде ексдиректорот Трајковски.

Прашан од обвинителката Ивана Трајкова дали Рашковски смеел да евидентира време со биометриски податок, Трајковски рече: „Во ниту еден субјект кој е работодавец не може со биометрија да се врши евиденција на работно време. Ниту во Генералниот секретаријат, ниту во Македонија, ниту  каде било во светот“.

Претходна вест96 нови случаи на Ковид-19, пријавени се 3 починати лица
Следна вестКамион падна во провалија меѓу Гостивар и Кичево, возач тешко повреден