Темно Режим Светло Режим

МВР размислува за построги санкции: Пиротехниката и натаму сериозен проблем

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека Министерството сериозно размислува за заострување на казнената политика поврзана со нелегалната трговија и употреба на пиротехнички средства. Тој посочи дека, и покрај засилените превентивни кампањи и активности на институциите, проблемот и натаму е изразен, особено во урбаните средини.

Тошковски истакна дека како жител на Скопје лично сведочи на честа и неконтролирана употреба на пиротехника, што дополнително ја наметнува потребата од построги санкции. Според него, фокусот треба да биде ставен на лицата кои нелегално тргуваат, увезуваат, шверцуваат или продаваат пиротехнички средства и со тоа овозможуваат тие да завршат во рацете на деца.

Министерот потврди и дека во една од неодамнешните акции за заплена на пиротехника бил инволвиран полициски службеник. Како што појасни, според досегашните информации и докази, лицето било дел од група осомничена за нелегално внесување и транспорт на пиротехнички средства во државата, а првичните откритија биле направени на подрачјето на СВР Велес.

Тошковски се осврна и на трагичниот случај со двегодишното дете кое почина од залутан куршум, нагласувајќи дека истрагата е сè уште во тек. Тој потврди дека станува збор за куршум, но не и за намерно насочено пукање, и увери дека надлежните институции ќе преземат сè што е потребно за да се утврди одговорноста, и покрај сложеноста на ваквите случаи.

На заедничката прес-конференција со министерот за здравство Азар Алиу, беше упатен апел до граѓаните да се воздржат од употреба на петарди и друга пиротехника. Двајцата министри потенцираа дека пиротехниката не е играчка и може да предизвика сериозни, трајни и неповратни повреди.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Манчестер Јунајтед го отпушти Рубен Аморим по ремито со Лидс

Следниот Пост

ДИК: Изборниот процес целосно подготвен за неделното гласање