Издавањето проблем, сликањето уште поголем. МВР мака мачи да обезбеди образец плус за пасош. Оттаму за Телма потврдуваат дека процесот ќе запрел, но фирмата добавувач интервентно испорачала минимална количина.
Така ќе биде и во наредниот период, а поголема пратка се очекува до крајот на месецот.
Рекордите на заменети пасоши кои достигнуваат и над 170.000 патни исправи за месеците декември – јануари не може да ги следи фирмата која го добила тендерот за изработка на обрасци.
Сепак техничкото дуо министри со оптимизам дека реновирањето на управата ќе го спаси процесот на замена на документи. Утрово и техничкиот министер и заменикот ги посетија просториите и од прва рака ги слушнаа најавените измени. Од понеделник се става крај на хаосот со чекање ред. Секој кој се сликал во изминатиот период, ќе добие текстуална порака на својот мобилен број кога да си го подигне пасошот.
Оние, пак, кој се сликале поодамна исто од понеделник ќе можат да се проверат на страницата на мвр.орг во посебен оддел со внесување на матичниот број дали пасошот е готов. Но, овие опции ќе важат само за оние граѓaни кои се сликале во полициска станица „Пролет“ или управата во зградата на МТВ.
Дополнително од МВР информираат дека возачките дозволи и сообраќајните дозволи со името „Република Македонија“ кои сè уште се важечки, се заменуваат во редовна постапка со нови со името „Република Северна Македонија“ и притоа на граѓаните не им се наплаќа цената пропишана за тие обрасци до 31 декември 2024 година. Сепак, давачка има затоа што треба да се смени уште еден закон.
– Но, за истите документи пропишанa е административнa таксa која се наплатува, согласно Законот за административните такси кој се уште нема претрпено измени во тој дел. МВР ќе предложи измена на законот, се со цел и административната такса да не се наплаќа, се наведува во соопштението на МВР.
Но, надлежните министри во акција им се придружија и техничкиот премиер и министерот за надворешни работи. Владината посета во Минхен ја искористија да поделат готов патни исправи на граѓаните од дијаспората.