Аквадуктот се плаши дека Владата ќе го штити како и Охрид што го заштити

Прекрасниот прастар Аквадукт во Скопје се распаѓа со години. Само се ветува од надлежните дека ќе биде заштитен и потоа пак се става по страна…

Е, од вчера скопскиот Аквадукт немало да биде забораван и оставен да се распадне. Владата го стави под посебен третман – го прогласи за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Што и какви промени во односот кон овој значаен културно-историски објект за градот ќе следат останува да се види. Аквадуктот веќе со години е во исклучително лоша состојба и оставен сам на себе. Голем дел од носечките столбови се оштетени и може да се урнат, а целиот простор околу е претворен во депонија. До сега имаше неколку најави дека тоа ќе се среди. Последна голема најава беше кон крајот на 2018 година кога премиерот Зоран Заев, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и други најавија акција за целосна заштита и конзервација на Аквадуктот и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини. Но и по три години од тоа не стана ништо освен што споменикот уште повеќе пропаѓа.

Дали вчерашната одлука на Владата нешто ќе смени? Одлуки и најави дека таму ќе се подобри состојбата и до сега не фалеа.

Проблемот е во тоа што никој потоа не тргнува во реализација, што не се обезбедуваат планови, не се наоѓаат средства, не се ангажираат изведувачи, нема заштита…

Тоа што Аквадуктот е прогласен за споменик од особено значење прашање е колку може да ја смени состојбата. И градот Охрид е заштитен како културно наследство од особено значење, ставен е на листа на УНЕСКО, па гледаме што таму се случува како урбанистичко довеење! Ако и Аквадуктот доживее таква „заштита“ подобро е да не се ни носеше одлуката. Не случајно еден граѓанин вчера на социјалните мрежи прокоментира дека беше потребно да се заштити и просторот околу споменикот.

-Во одлуката недостасува „И просторот околу него“. Зашто познавајќи ги општинарите ливадите брзо ќе станат градежно земјиште. Веројатно најдобро решение е да се претвори во нов Парк, напиша овој граѓанин.

Претходна вестСончево со мала облачност
Следна вестМакедонските државјани ќе може да патуваат во Црна Гора без ПЦР тест