На мигрантите и шверцерите им се бендиса рутата низ Македонија, но ќе станеме ли и „паркинг место“?

Шверцот на мигранти во Македонија, особено на релација меѓу Гевгелија и Табановце никако да запре. Напротив, се чини дека шверцерската рута станува се поинтензивна.

Македонската полиција вчера соошти дека открила и попречила нов случај на илегален транзит по автопатот „Пријателство“. Во близина на Неготино, во возило со француски таблички биле откриени дванаесет мигранти од Сирија. Приведени се две лица – Б.К. (19) од скопското село Блаце и Х.С. (28) од скопското село Грушино откако на наплатната станица Демир Капија не застанале на знак за запирање. Мигрантите, како што соопшти МВР, ќе бидат спроведени во Прифатно- транзитен центар за понатамошна постапка.

Овој случај, само се надоврзува на претходните што се откриени деновиве. На 30-ти септември на автопатот А1, кај клучката Демир Капија полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово во патничко возило „форд транзит“ пронашле 14 мигранти од Сирија, кои исто така,  биле спроведени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија за понатамошна постапка.

На 27-ми септември, пак на автопатот „Пријателство“, во близина на с.Катланово, скопско, М.М. управувајќи патничко возило „форд фокус“ со украдени регистарски таблички во Велес, во правец од Велес кон Катланово, не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници и со возилото удрил во две полициски службени возила и во двајца полициски службеници. Потоа, кога полицијата го запре возилото, во него биле откриени и осум лица мигранти…

Ова се случаи кои полицијата деновиве успеа да ги открие, но прашањето е колку од шверцерските тури поминале неоткриени. Целта на шверцерите, кои од мигрантите наплаќаат по илјадници евра за превезување до Табановце, е да стасаат до границата со Србија од каде го продолжуваат патот кон европските земји.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера, по трилатералниот самит на Унгарија, Србија и Австрија за мигрантската криза во Будимпешта, најави дека неговата земја веќе нема да биде „паркинг за мигранти“.

– Србија е специфичен случај бидејќи има зголемување на пристигнувањето на бегалци, кои не доаѓаат само од Израел, Пакистан и други земји, туку и од Русија и Украина. Србија нема да може да се користи како земја на пристигнување. Србија не сака да биде паркинг за мигрантите и затоа секогаш ќе го почитуваме меѓународното право и ќе ги разбираме проблемите на луѓето што се во тешка ситуација, но ќе ја зачуваме безбедноста, нагласи Вучиќ.

Ова е очигледна најава дека во следниот период може да се очекуваат и зајакнати српски гранични контроли на границата со Македонија. А тоа, извесно, ќе води кон состојбата во која миграните кои во наша земја најмногу навлегуваат од границата со Грција ќе мораат да останат во Македонија. А тоа ќе значи создавање на голем проблем на кој нашите надлежни органи мора да мислат на време.

Претходна вестВерувале или не, Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за енергетската криза
Следна вестКој не им дава мир на македонските херои и нивните споменици?