Последниве години Михаил Трајков е секогаш меѓу најдобрите кога се работи за составување на македонскиот тим кога се во прашање меѓународните натпревари по хемија. Така и беше неодамна кога овој 19-годишник беше меѓу четиричлениот тим составен од најдобри хемичари, ученици во средните училишта во земјава, а кој се натпреваруваше на онлајн Меѓународна олимпијада по хемија чиј домаќин беше Јапонија. Михаил не стаса до некој медал, меѓутоа, тоа воопшто нема да го обесхрабри туку напротив, својата иднина уште повеќе ќе ја врзе за оваа природна наука. Тој сега се запиша на студии на Институтот по хемија на ПМФ откако претходно го за врши приватното средно училиште „Јахја Кемал” во скопски Карпош. Овој талент, освен во хемијата ужива и во планинскиот велосипедизам во што го поминува најголемиот дел
од слободното време. Михаил ни вели дека уште како мал почнал да покажува интерес
кон природните науки, кои му биле многу поинтересни во споредба со другите предмети.
– Со хемијата прв пат се соочив во 8-мо одделение, веднаш бев заинтригиран и знаев дека кога ќе пораснам сакам да се занимавам со тоа. Како што растев и подобро ја запознавав хемијата, љубовта растеше се повеќе, почнав да одам на натпревари, да истражувам и набрзо хемијата стана важен дел од мојот живот,вели тој.
Резултатите брзо се виделе: освоил две први места на државниот натпревар по хемија и две први награди на државниот натпревар „Ноември – Месец на наука”. Тој ни вели
дека за успех своја улога имаат и талентот и вежбањето.
– Се си има своја улога. Талентот е секако огромна предност, меѓу тоа неизбежно е постојано да се проширува и надоградува. Јас тоа го правам со решавање на проблеми од минатите хемиски олимпијади, исто така со читање на дополнителна литература и посетување на подготовките кои беа овозможени од професорите на Институтот за хемија. Во периодот пред натпревари посветувам значително повеќе време на подготвување, 4-5 часа, ни објаснува тој.
Овој млад талент по хемија додадва дека, според него, во нашиот образовен систем има грешка кога се работи со талентите.
– Според мене, една од најголемите грешки во моменталниот образовен систем е што постои само едно основно ниво на изучување на предметите, па со тоа талентираните ученици се многу поограничени и немаат простор за развој на своите знаења. Моја препорака би било да се додаде напредно ниво, и учениците да имаат можност да одберат дали еден предмет ќе го изучуваат на напредно или основно ниво. На овој начин талентираните ученици ќе имаат можност контуинирано да работат на развивање на своите знаења, потенцира Михаил.
Со ваквиот однос кон оваа природна наука логично е и дека тој и во иднина ќе и биде посветен на хемијата.
– Сигурен сум дека во иднина ќе продолжам да се занимавам со хемијата, останува уште да одлучам дали тоа ќе биде во академската или во применетата, индустриска сфера, ни открива тој.