Најдоа начин каде да се сретнат: Ковачевски и Мицкоски ќе се гледаат на суд

Македонија е преполна со проблеми и маки. Најнова криза е каде ќе се сретнат Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски за да го решаваат енергетскиот проблем на земјава, а дополнителна криза е и дека има најави за тужби за искажани клевети кон нив двајцата. Лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски реагира на партиските соопштенија од страна на СДСМ во кои тој се обвинува дека е замешан во криминален случај со тендерот од 136 милиони евра за пречистителна станица во Скопје.

Мицкоски утринава во своето гостување во емисијата „Студио 10″ најави дека ќе поднесе тужба за клевета затоа што СДСМ го нарекува „докажан криминалец”, а немаат докази за тоа.

-Сега ќе треба тоа што го тврдат да го докажат на суд, денеска или најдоцна утре ќе поднесам пријава за клевета бидејќи вчера ме нарекоа, така како што ме нарекоа „докажан криминалец”, сакам да ги видам тие докази каде јас сум осуден правосилно за сторен криминал, морам да го тужам СДС за клевета да се извини или неколку дена да им оставам простор да се извинат бидејќи навистина ја поминуваат секоја пристојна граница. Ги поминавме билбордите, флаерите ги поминавме, ја поминавме кампањата… Сепак, на крајот од денот јас сум универзитетски професор, еве денеска почна семестарот пред мене имаше 90 студенти во втора година факултетот и сега јас сум бил „докажан криминалец”, треба да го докажат тоа, да ја покажат пресудата каде докажале дека сум криминалец, најави Мицкоски.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачавески денеска возврати на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ во наводната афера што тие ја нарекоа „Броило“ и побара извинување од партијата и нејзиниот лидер. Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека две недели бил под константни напади од страна на ВМРО-ДПМНЕ и тоа со „конструкција на најдолни лаги“.

Тоа е очаен обид на опозицијата да го сврти вниманието од корупцискиот скандал во кој се најде нивниот претседател, кој го обелоденија од нивната партија, нивниот градоначалник во Скопје за местење на тендер од 136 милиони евра. Она што најмалку може да го направи ВМРО – ДПМНЕ е да се извини, односно да се извини нивниот претседател. Бидејќи тој е нарачател, бидејќи тој е фатен во корупциски скандал од 136 милиони евра и претходно во други корупциски скандали за кои што се откажуваше од своите пријатели, другари. Прво да се извини, да не ги тера пратениците да изнесуваат невистини, квалификации, конструкции со оглед на тоа јас од нив ќе побарам прво извинување а потоа се она што следува врз основа на законските регулативи, рече претседателот Ковачевски.

Денешните најави за тужби доаѓаат откако Ковачевски и Мискоски не постигнаа договор да седнат на заедничка маса за да разговараат за решенијата за енергетската криза во земјава. Христијан Мицкоски откако го промовира својот концепт за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места“ ги покани владините функционери во партиското седиште. Но, премиерот Ковачевски тоа го одби и го покани Мицкоски да дојде на седница на Економскиот совет на Владата за да го образложи својот план. Но, тоа беше одбиено од лидерот на опозицијата.

И така, кризата ќе пројде додека да се договорат кој каде ќе дојде. Туку, може сега брзо во суд ќе се видат…

 

Претходна вестУкраден кабел од влечен мотор на локомотива, од ЖРСМ Транспорт велат дека е саботажа
Следна вестГевгеличанец осомничен за обљуба на малолетник