Народен правобранител: За брз кредит од 9.000 денари на граѓанин му наплатиле 950 евра за „надомест за доцнење“

Граѓаните не се информирани во што се впуштаат и кои се давачките при задоцнување со исплататата на брзи кредити поради што запаѓаат и во должничко ропство, предупреди денеска Народниот правобранител Насер Зибери.

Тој предупреди на агресивните реклами за брзи кредити, за кои рече дека покрај тоа што се без камати, за задоцнета исплата следат огромни трошоци. Зибери го наведе примерот една наша сограѓанка којашто задоцнето враќање ја чинело 8 пати повеќе отколку самиот износ на кредит.

– Земен кредит од 9.000 денари, за доцнењето на неговата исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат огромни трошоци. Така, за конкретниот пример на име „достасан надоместок“ наплатени се 2.026 денари, за „надоместок за доцнење“ дури 58.846 денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомен 5.900 денари, долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума 8 пати поголема од долгот, објасни правобранителот Зибери.

Според него, ова е еден од примерите со кои недоволно презцизираната законска регулатива ги втурнува граѓаните во огромни долгови и често во должничко ропство. Во случајот, долгот произлегол од „надоместок за доцнење“, категорија која не е прецизирана ниту во закон, ниту пак, за тоа се информираат граѓаните кои ќе посегнат по ваков кредит.

Народниот правобранител нема надлежност за заштита на правата на граѓаните пред финансиските друштва. Но, основна причина за ваквата состојба е околноста што во законот што ја регулира оваа материја, не постои ограничување на вкупните трошоци, надоместоците и провизиите на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва. Тие немаат ниту обврска задолжително јавно да го објавуваат тарифникот со надоместоците (на својата интернет страница или на видно место во работните простории), со цел заштита на граѓаните од презадолженост.

Претходна вестМалолетник од Скопје исчезнат во 2020 полицијата го фатила како вози „опел“
Следна вестСе бара разрешување на обвинителка од ОЈО за организиран криминал