Нашата пченица се откупуваше по 10 денари, а производителите со истата евтина пченица значително го поскапеа лебот

Со Петар Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци зборуваме за кризата со храна. Тој живее во прилепското село Заполжани. Зборува и за земјоделското производство, за проблемите на земјоделците, што треба државата да направи…

Дали Ве изненадува кризата со храната, со земјоделските производи, растот на нивните цени?

– Првенствена причина е руско-украинската војна кој како да не изненади сите во државата. Можеби недоволно се подготвуваме за такво нешто, како да воопшто не заевме дека ќе има војна. Мислам дека до сега и послободно сме се однесувале и живееле. Оваа војна и нејзините последици сега ќе не натера посериозно да размислуваме за земјоделството, за тоа како треба да да засејуваме секој квадратен метар од обработливи површини. Надлежните сега донесоа некои стимулативни мерки и јас се надевам дека тие ќе помогнат да се зголемат посеаните површини. Кај сончогледот очекувам зголемување на посевите за околу 20 проценти, а и на други житарици. Жално е да имаме необработени ниви.

Каде и со што се грешеше досега во концептот и односот кон македонските земјоделци?

– Сите ние досега сакавме да бидеме се друго освен земјоделци, да живееме послободно, да имаме време за се друго… Но, сега видовме дека нема фајде само од индустриско производство. Македонија е земјоделска држава, но немаше мерки кои земјоделството ќе го доведоа до она место кое што ги заслужува. Нема многу дилеми каков концепт е потребен: на земјоделците им е потребно нивиот труд да им биде исплатлив. Државата до сега сакаше покомотно да се однесува кон нас. Ова што се случува сега во светот и кај нас со храната мислам дека е добра лекција за учење.

Не може да се дозволуваат ситуациите како лани, на пример, кога нашата пченица се откупуваше по десет денари, а набрзо потоа не поминаа ни триесет дена, производителите, со истата таа ефтина пченица, значително си го поскапеа лебот. Тие профитираа, ние останавме со десет денари. Тоа не е во ред. Кооперантските односи треба да почиваат на меѓусебна доверба. Не е во ред преработувачите така да не „начекуваат“. Не смееше да им се дозволи да ја зголемат цената на лебот правен од пченицата купен за по десет денари по килограм. Ова и други нешта доведуваат до намалувањето на производството. Ние не можеме со загуба да работиме. Секогаш за време на жетвата пченицата се откупува по ниска цена за да по откупот се зголемува.

Откупувачите ја користат и ситуацијата со која ние земјоделци немаме капацитети за складирање на житариците, немаме силоси, па мораме по секоја цена да ја продадеме. Државата треба да изгради повеќе силоси, да можеме таму да ја складираме и да не ја продаваме по секоја цена.      

 Какви мерки се потребни за да во земјава произведуваме храна колку што ни е потребно?

– Основно е тоа да земјоделецот не работи со загуба, туку со одредена добивка и да има остаток за свои потреби. Државата треба да продолжи со стимулации. Во земјава имаме капацитет да ги задоволуваме сопствените потреби за храна, да не бидема зависни од увозот на пченицата од никоја земја. Тогаш и луѓето ќе видат дека од земјоделството може да се живее достоинствено и ќе почнат да се занимаваат со земјоделие. А тоа ќе значи и поголемо производство на храна.

Што да се направи младите да остануваат на селата, да почне процес на враќање, просечните земјоделци во Македонија веќе се стари околу 60 години?

– Какви мерки ќе се определуваат од страна на државата така и ќе се однесуваат младите. Ако сакаме да сме обезбедени со храна државата треба да стимулира, земјоделецот да не биде во загуба, да има интерес и следната година да посади нешто. Досегашната филозофија „Не е проблем што немаме храна, ќе увеземе“ се покажа дека е погрешна. Сепак е домашното производство најефтино и најсигурно. Но треба да имаме планско производство. Имаме голем потенцијал за производството но требаат и услови за него. Владата мора да му даде првенствен третман на Министерството и на министерот за земјоделие оти тие се наши претставници и со тоа ќе покаже колку и е важно земјоделското производство.

ИТНО ДА СЕ НАПРАВИ ФАБРИКА ЗА ВЕШТАЧКИ ЃУБРИВА

-Една од најголемите грешки што е направена беше и затворањето на фабриката за вештачки ѓубрива во Велес. Тоа ни го кажува и сегашниот огромен раст на нивните цени. Државата мора под итно да се заинтересира таа фабрика да се обнови, да се рестартира или слично. Ѓубриво е најбитна работа за земјоделците.   

Фото: „Зелена берза“ 

Претходна вестСончево и топло со температури до 27 степени
Следна вестДлабок наклон: 117 години од херојската смрт на војводата Христо Узунов и неговите соборци