Не расте бројот на донаторите за хумани цели, некогаш има нови – но само наменски

Со Тони Станковски од скопското здружение на граѓани „Љубезност“, кое им помага на бездомници и социјално загрозени семејства и поединци, зборуваме за грижата кон сиромашните, за активизмот на останатите…

Колкав е бројот на социјално – загрозени лица на кои помага вашата организација? Се зголемува или се намалува?

– Помагаме на 700 до 1.200 луѓе во текот на годината, со тоа што помагаме и на бездомниците во градот не само во саботите туку и во текот на седмицата со различни донации на храна. Неа ја добиваме како вишок на храна која останува од различни настани или била зготвена па не се употребила. Така, бројот на бездомниците во саботите се движи од 70 па до 200 лица, а храната се дели на три локации. Во саботите, на тие лица, делиме од 270 до 320 оброци, а потоа и на оние кои живеат во лоши услови.

Социјално-загрозените лица ги посетуваме во нивните домови во текот на седмицата, имаме постојани, но и нови корисници. Прво ја гледаме нивната состојба и проблемите со кои се соочуваат, а потоа, согласно на нашите можности преземеме нешто. На некои им обезбедуваме лични документи, на некои им треба психолошка поддршка, лекарска помош, прегледи… Доколку се работноспособни им помагаме да се вработат, даваме облека, инструкции како да се однесуваат на разговорите, помагаме да добијат социјална помош или да обезбедат основни услови за живот. Некогаш ситни поправки во нивните домови многу им значат. Инаку, бројноста е некоја константа во последните три-четири години. За време на пандемиската година и за време на енергетската криза имаше некои вариации, но сега бројката е без поголеми промени.

Што е причината што има толку луѓе на коишто им е потребна помош? Од една страна невработеноста се намалува и има вишок работни места во земјава…

-Факт е дека сега понудата за работа е поголема отколку побарувачката за неа. Има отселени лица, но има и луѓе кои знаат да бидат пробирливи кога е во прашање вработувањето. Бараат работа, а Бога молат да не ја најдат. Некои немаат образование и навики за работа и што влијае да не може да ја задржат добиената работа. Некои заглавиле и немаат документи, со долгови се. Знаеме дека стапката на сиромаштијата во земјава е 21-22 отсто, што е околу 400.000 лица, дека 120.000 граѓани се приматели на помош. Значи, има повеќе фактори. Различни се причините што некои не се нафаќаат да се вработуваат. Се влијае – пребирливоста, условите, образованието, навиките за работа, одговорноста… Имало случаи да сме им нуделе работа па одбивале, некои напуштале работа по два месеца.

Ние сега имаме поинаков однос, до 2017 година 70 отсто од нашата активност одеше кон обезбедувањена хуманитарна помош, а 30 кон помагање за да се најде работа. Сега, 70-80 отсто од нашиот ангажман е како да им помогнеме во ресоцијализацијата, а само 20-30 проценти помагање со храна и друго. Пред две-три години почнавме проект со 5 семејства за планирање на нивни лични финансии. Само со едно семејство имавме успех, кај три немаше, а со едно имаше половичен успех. Со семејството со кое имавме успех таткото се нафати да соработува и со собирање на пластични шишиња, со штедење и со други ангажмани дојдовме до тоа тоа семејство да си има своја ќуќа за живеење. Одлуката за промена на живот е нивна лична, а промените се можни ако се сакаат.

Дали расте бројот на донаторите или се едни исти?

-Не расте бројот на донаторите. Има некои нови донатори, но тоа се ад-хок случаи на луѓе кај кои се јавила желбата да донираат. Има интерес од индивидуални донатори – граѓани, има такви кои наменски сакаат да донираат. Има мал број на константни, но, за жал, не се зголемува бројот на другите кои би можеле. Очигледно, има потреба од апели да се донира, да се зголемува бројот, да дадат придонес. Ние сме невладин и непрофитен сектор, а таму кадешто се прави профит може и да се одвои нешто како помош. Сензибилноста треба постепено да се изградува за да им се помогне на повеќе луѓе. Но, и оние кои ја добиваат помошта треба да сфаќаат дека најмногу можат самите на себе си да си помогнат.

Како оди соработката со државните социјални институции?

-Имаме подобрена соработка со институциите, со центрите за социјални работи, но има и простор за уште поголемо подобрување. Соработуваме и со Управата за водење на матични книги, со локални одделенија и со некои од нив имаме навистина добри контакти. Имаме и соработка и со МВР во однос на некои работи, но секако таа треба уште повеќе да се подобрува. Тука е и здравствениот систем. Сепак, нема официјална и формална соработка и тоа треба да следи во идниот период.

Претходна вестТошковски: Системот е уништен, на северната граница 6-7 години не работат термалните камери, ама табли со „северна“ има
Следна вестСлични со слични