Слични со слични 

Колумна на Заге Филипоски:

Има веќе повеќе години откако веќе не очекуваме ништо добро од кандидатите на изборните листи. Беше тоа пред повеќе години кога сеуште постоеше некаква надеж или повеќе би рекол очекување дека еден навидум угледен кандидат ќе може да покаже нешто поинаку и да направи некој стратешки потег за градот. Во тоа време во неврзан кафе муабат со еден мој пријател, искусен стопанственик кој од ништо успеал да создаде нешто, разменивме неколку муабети околу очекувањата. Она што ми го кажа сеуште ми одѕвонува во ушите и секогаш го прераскажувам на моите слушатели. Мудриот и искусен стар волк во бизнис сферата ми рече: “Види ги тие околку него, и се ќе ти биде јасно. Нема што да очекуваме од овој кандидат“. Така и се случи.

Наскоро ги дознавме луѓето кои го опкружуваа и резултатите соодветно, никакви! Подоцна истото и го прочитав во некоја стручна литература. Слични се дружат со слични. Писмени се дружат со писмени, паметни со други паметни, лопови исклучително со лопови, исто и корумпираните, и чесните. Едноставно е нели? Менталниот склоп не ни дозволува да се дружиме со поинакви. Дали ви се случило со некои луѓе кои порано сте се дружеле повеќе да немате ни муабет ни за што да зборувате? Едноставно сте се смениле, сте еволуирале.

Ова правило елаборирано и од праксата и од науката секогаш се потврдува и во реалноста. Неспособните ги полнат своите кабинети со исти такви. Се затскриваат ги затвораат вратите, не зборуваат многу, делуваат замислено, а повештите, или оние кои се поупорни и имаат повеќе време да вежбаат, делуваат загрижено, па дури и натажено. Така го затскриваат своето незнаење и неукост. Градат непробоен ѕид на слични, истомисленици и си наоѓаат оправдување. А доколу знаеа ќе наоѓаа и решенија.

Лесно е да си кажеш: “се залагам за економски развој“, “сакам зелено …“, “се заложувам за европата“, “ние сме, а они не се за … “. Тешко е да направиш. Всушност ни тоа не е тешко доколку знаеш што и доколку воошто сакаш нешто да направиш. Секогаш има начин и точно се знае начинот. Дури и на твитер и на фејсбук ако читаш коментари ќе најдеш и по некоја интересна, остварлива идеја па дури и издржана. Тешко, всушност најтешко е да го победиш сопственото ЕГО, и сопственото незнаење. А всушност многу е лесно и едноставно. Треба да се опркужиш со способни и едуцирани и тие ќе знаат што и како треба. Но основна пречка е социолошките законитости: слични со слични! Ви текнува!

П.С. Слоганот на еден мој познаник вели: “ние ги читаме книгите за Вие да не морате“.

Претходна вестНе расте бројот на донаторите за хумани цели, некогаш има нови – но само наменски
Следна вестЗетот на Трамп ќе гради хотел на местото на поранешниот Генералштаб во Белград, Србија ќе добива 22 отсто од добивката