Пет илјади оџаци помалку ќе чаделе оваа зима проценија скопските власти, откако толкав број семејства одлучиле да ги заменат оџаците со инвертер-клими. Град Скопје овозможи субвенционирање за купување клими со цел намалување на загадувањето.
Секако информацијата е за поздрав, оти секој оџак помалку значи во борбата за почист град имајќи предвид дека Скопје минатите години беше на врвот од листата на најзагадени градови во светот. Но пред неколку дена, кога времето беше уште сончево и грејната сезона не беше почната, мерната станица во Ново Лисиче покажа присуство на над 90 микрограми на метар кубен отровни ПМ10 честички.Тоа значи дека оџаците не се клучните загадувачи.
-Ќе не оставите ли и оваа зима да се труеме или ќе преземете нешто?
-Не загадуваат оџаците, се надеваме дека разбирате, нешто друго е, ни дрон не ве спасува ако не сакате да видите, да ги најдете загадувачите и да ги казните – коментираат скопјани иронично на социјалните мрежи.
Очигледно е дека субвенциите за клими нема да бидат решение за скопското загадување, ќе мора да има многу посеризно присуство на инспекторите на терен, да се контролираат индустриските капацитети, ако навистина желбата и борбата е да се спречи и намали загадувањето. А дали ќе биде така нема да мора да чекаме за да видиме. Студот и зимата доаѓаат.