Неделков: МТСП се обидува да ги заплаши штрајкувачите во градинките

Министерството за труд и социјална политика ги заплашува штрајкувачите во градинките, обвини денеска лидерот на СОНК Јаким Неделков. На четвртиот ден од штрајкот на вработените во училиштата и во градинките кој продолжува Неделков во денешната објава на Фејсбук наведе дека се уште не добиле конкретна понуда за зголемување на платите од владините претставници.

-Четврти ден од почетокот на штрајкот во градинките и училиштата, без понуда за зголемување на платите. Наместо наоѓање на решение на проблемот,  МТСП врши обид да ги заплашува штрајкувачите во градинките со разноразни дописи. Почит и поддршка до сите вработени во градинките и училиштата кои се во штрајк и препорака  да го прочитате текстот од химната на СОНК. Се ви е кажано!, им порача Неделков на членовите на СОНК.

Вчерашните преговори меѓу СОНК и Министерството за образование завршија без договор. Неделков по средбата изјави дека не добиле конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во одреден процент и дека повеќе се зборувало за  продолжување на наставата и како ќе се надополнат часовите.

Министерот Шаќири во одделно соопштение вели дека одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк во образованието не само што не го надминува предизвикот, туку напротив, создава повеќе дополнителни проблеми.

-Секој нереализиран наставен ден поради штрајкот, значи продолжување на наставната година по 9-ти јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните програми во вакви околности. Поради тоа распустот на учениците мора да биде одложен соодветно на бројот на неодработени денови, а согласно измените кои ќе бидат направени на Календарот за организација на учебната 2021/2022 година, се наведува во соопштението на МОН.

МОН целосно го почитува синдикалното право на штрајк и во ниту еден момент не го попречи неговото спроведување. Но, се подвлекува во соопштението, загрижува формата и времето во кое тоа се применува. Сепак, како што посочил министерот Шаќири, подготвени се да го продолжат дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите.

Претходна вест125 сообраќајни прекршоци во Скопје, 25 направиле пешаци
Следна вестНе се вложуваат доволно средства за да Скопје нема греење на мазут и нафта