Неопходно е што поскоро да се стави крај на прекубројните градби и гушење на Скопје

Синоличка Џамбазова, ортопедски хирург, во интервјуто за бесплатниот неделник „Скопско Ехо“ им порачува на надлежните да имаат слух за потребите на скопјани…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Водно-белите дробови на Скопје, Матка-природна рајска убавина, Скопското Кале, старата Скопска чаршија и Камениот мост, мирисот на липите, фестивалот “Златно Славејче”, реката Вардар-симбол на градот, опеана во многу песни, градскиот стадион, луна паркот, олимпискиот базен… Многу нешта кои биле дел од моето детство и младоста, но и сегашниот живот. За жал, некои од нив сега не се во состојба во каква што ги паметам.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Го сакам Скопје од моето безгрижно детство. Веселиот детски џагор и детските игри по улиците, насмевките на лицата, чистиот воздух, спортскиот дух, инвентивноста, креативноста. Во секоја смисла на зборот Скопје денес е сосема поинакво. Посакувам градот Скопје да биде облечен во ново руво (чисто, културно, насмеано, мирно и спокојно место за живеење).

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

Институциите и градоначалниците треба да се однесуваат кон Скопје како кон свое дете, одговорно, темелно, со целосна заложба и посветеност. Само тимска работа ќе вроди со успех. Да имаат слух кон потребите на граѓаните, да се трудат да го направат Скопје посакувано катче за пријатно живеење. 

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Со мојот професионален пристап, комлетна посветеност кон мојата професија и пациентите повеќе од 20 години, со примена на најновите минимално инвазивни оперативни техники од светот, од областа на ортопедијата и хирургијата на рака, го давам својот максимум, а се за добробит на пациентите. Задоволни и излекувани пациенти – тоа е моето богатство.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

-Со духот на луѓето кој никој не успеал да го скрши со векови, со луѓе-професионалци од различни области кои успеале и достојно не презентираат во светот – тие се најдобрите наши амбасадори. Горда сум на нашите борци и херои кои оставиле траен печат во македонската историја. Како такви никогаш не треба да ги забораваме, сеќавањето на нив треба да се пренесува и на младите генерации. Тие се наши светилници кои со своето дело и жртви ни укажуваат по кој пат треба да се оди. 

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Треба да се пристапи со добар план, реорганизација и планско градење, стручен архитектски тим. Неопходно е што поскоро да се стави крај на прекубројните градби и гушење на градот Скопје. Ова што сега се случува е неприфатливо да му се прави на сопствениот град. Градот како целина мора да биде место во коешто неговите жители ќе се чувствуваат пријатно и безбедно кога излегуваат на улица, кога се движат по плоштадите, парковите и другите јавни простори. Да му овозможиме на градот да дише со полни гради.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Во Скопје каде ќе живеат насмеани и среќни луѓе, љубезни, културни, спремни да помогнат секому без пресметки. Во Скопје, во кое ќе се почитуваат сообраќајните правила и ќе функционира сообраќајот. Во град со многу зелени површини, паркови, ботанички градини, со безброј катчиња за одмор и релаксација, фонтани и манифестации од различен карактер.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

-Недостасува метро, коловозни ленти само за возила на итна медицинска пожош, пожарникарски возила… Не сум сигурна дека тоа некако може да се обезбеди во сегашни услови, со сегашни димензии на сообраќајниците и бројноста на возилата. А сообраќајниот метеж е она што би го одзела. Можеби ќе може некогаш во иднина, кога ќе се изградат уште некои големи сообраќајници, тој метеж да го снема, но на тоа ќе се чека, извесно… На граѓаните им е потребен и еден нов клинички центар, со потребен стручен кадар и опремен по светски стандарди.

Претходна вестРистовски триумфот над Бетис и го посвети на покојната мајка: „Среќен роденден мамо“
Следна вестСДСМ: Наместо аматерски скечеви, пратениците на ДПМНЕ да ги вратат дипломатските пасоши