Николовски призна дека се шетал во Дубаи и на граѓаните им упати едно „извини“

Вицепремиерот Љупчо Николовски денеска потврди дека бил на одмор во Дубаи додека во Македонија на сила е полициски час, бројот на заразени секојдневно расте, а вакцини нема.

Тој денеска пред новинарите се бранеше дека како бил кој друг граѓани има право на одмор, законски, за потоа да дополни дека тоа што законски му следува, нема да дозволи никој да му го попречи.

-Три дена одмор, на 16 часа работа за граѓаните и државата,  имам право да ги посветам на сопругата, можеби контекстот и од оваа временска дистанца, е направена грешка од наша страна што е избран во Дубаи, не како одмор, туку и работни состаноци на сопругата, која работи за странска компанија, рече тој.

Потоа тој продолжи да објаснува дека на тој одмор бил целосно покриен со свои средства, па дури, како што рече не користел ниту службен телефон или дипломатски пасош.

Обвинувањата од опозицијата за ова патување, Николовски ги нарече неосновани, бидејќи „и пречеле успесите на оваа влада“.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Николовски, како и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, заминале на одмор во Дубаи и во Мексико, додека„народ гладува, повеќе од половина милион граѓани живеат со под две евра на ден, 55 000 ги загубија своите работни места, а 6 200 фирми се затворија“.

Но, сепак, и покрај извинувањето на Николовски на крајот од неговата изјава денеска, дека можеби со заминувањето на одмор во ова време испратил лоша порака, тоа не го брише впечатокот што се доби од неговиот настап денеска со доза ароганција дека негово право е кога и како ќе го користи одморот.

Да потсетиме, Николовски е на висока функција во извршната власт, згора на тоа поврзана со борба против корупција и криминал. Така што, најблаго речено, несоодветно е вицепремиер, во услови кога граѓаните на оваа земја цела година живеат во запечатени граници, со мали можност за патување во најблиското соседство, и без вакцини кои Владата и натаму не ги набавува, тој да оди на одмори на егзотични дестинации и притоа да не чувствува никаква одговорност, туку сето тоа да мисли дека ќе помине со едно обично „извини“.

Претходна вестВо 21 век без матични лекари во Шуто Оризари: Зошто работата кај нас се доживуваат како казна?
Следна вестКрај на март, почетокот на април – до кога ќе се „растегнуваат“ најавите за вакцини?