Нов круг на преговори, Зеленски подготвен да прифати „неутралност“

Истанбул денеска ќе биде домаќин на нова рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина. Преговорите меѓу руската и украинската делегација ќе започнат во 9:30 часот, соопшти вчера кабинетот на турскиот претседател. Според соопштението, преговорите ќе се водат во палатата Долмабахче, а „средбата ќе се одржи зад затворени врати“. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и рускиот лидер Владимир Путин вчера разговараа телефонски, но јавно не кажаа кога оваа недела ќе почнат разговорите.

Во интервју за руски новинари, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за една од важните точка во потенцијалните мировни преговори – можноста за неутралност на Украина.

-Ние сме подготвени да го прифатиме тоа. Ова е најважната точка, рече Зеленски.

Во телевизиско обраќање по седница на турската влада, Ердоган вчера рече дека во одвоените телефонски разговори со Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, е забележлив напредок во позитивна насока, но не даде други детали.

Денеска, пред почетокот на преговорите Ердоган рече дека напредокот во разговорите ќе го отвори патот за средба на водачите – и дека Турција може да биде домаќин и на тоа.

-Дојдовме до момент кога разговорите треба да дадат конкретни резултати, потенцира турскиот претседател.

Инаку, во новото видео обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека украинските трупи го ослободиле Ирпин и напредуваат во регионот на Киев, враќајќи ја контролата врз украинската територија.

– Ирпин е ослободен. Браво! Благодарен сум на сите што работеа на овој резултат. Окупаторите беа оттурнати од Ирпин. Отфрлен од Киев. Сепак, рано е да се зборува за безбедност во овој дел од нашиот регион. Борбите продолжуваат, рече Зеленски.

Тој рече дека руската армија ја контролира областа северно од главниот град на Украина.

Украина се надева дека денеска ќе отвори три хуманитарни коридори, вклучувајќи го и градот Мариупол.

Претходна вестСкопските возачи никако да научат каде да паркираат
Следна вестНамален бројот на заразени од Ковид-19, смртноста зголемена