Одбојкарската репрезентација на Македонија, по поразот од Белгија, синоќа доживеа нов пораз во Европската златна лига и тоа повторно во пет сета, овој пат на турнирот во Осиек против домашната Хрватска која беше подобра со 3-2 (33-31, 17-25, 27-29, 25-21 и 15-12)
Првиот сет донесе вистински маратон во кој за нијанса подобри беа Хрватите кои успеаја да го добијат со 33-31. Во наредните два „спартанците“ беа подобри со 25-17 и 29-27 со што го свртеа резултатот во своја полза. Меѓутоа потоа Хрватска одново беше на повисоко ниво и со 25-21 и 15-12 се израдува на триумф пред своите гледачи.
Капитенот Никола Ѓоргиев со 35 поени беше најдобар наш поединец, додека кај победникот Марко Седлачек заврши со 26 поени.
Нашите одбојкари денеска играат нов меч во Европската златна лига во Осиек против репрезентацијата на Шпанија.