Нова „бомба“ во која се слуша како луѓе од власта сакаат да замолчат луѓе од опозицијата со палење на нивните автомобили. Имено на Јутјуб каналот насловен како „Вице Мафијашот“ е поставена аудиоснимка со наслов „Вице даде зелено светло да запалам коли“.
На снимката се слуша разговор помеѓу двајца мажи, за кои поставувачот на видеото посочува дека се Стојче Чифлигароски „сопственик на СВ Инвест, фирма параван на семејството Заеви за тендерите во РЕК Битола“ и Горан Димовски Тушникот од Битола.
Во еден дел од разговорот едниот од посочените се фали на другиот дека добил зелено светло од извесен Рашо, а ќе остварел и средба со Вице, за да се запали автомобил на човек од Битола, извесен Чаки, затоа што тој бил од ВМРО-ДПМНЕ и многу ја претерал.
На снимката се слуша и раскажувањето како во Струмица едниот заработил 30-40 илјади евра преку некој адвокат за вадење на човек од притвор, за што добил златен часовник како награда.
Се спомнува и бизнис со канабис и кој може а кој не може со тоа да се бави.
Во разговорот тие споменуваат и лица Вице и Трајче за кои авторот имплицира дека станува збор за членовите на семејството Заеви.
По објавувањето на овој материјал, останува Обвинителството да отвори предмет и да ја истражи автентичноста на снимките како и на делувањето на двете споменати лица.
Инаку, наскоро по објавувањето на „бомбата“ се огласи Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој во допис до медиумите вели дека објавените разговори се лаги од трети лица.
– Објавените рекла-казала лаги од трети лица нема да ги попречат Заеви да даваат плати и да плаќаат даноци. Целосно ги отфрлам како лаги и манипулации објавените рекла-казала муабети во кои трети лица го спомнуваат моето име. Тоа се очајни лаги произлезени од фејкњуз подрумите на опозицијата. Заеви се чесни и вредни Македонци. Режимските инсталации нема да не спречат да продолжиме да даваме плати, да плаќаме даноци и да ги помагаме македонските граѓани, посочува Вице Заев.