Се спроведува истрага под име „Феникс“ во текот на која се осомничени вкупно 15 физички и седум правни лица поврзани со поставувањето на вкупно 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, соопшти денеска обвинителот Љубомир Лапе. На прес-конференција Лапе, кој е дел од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, изнесе детали за случајот кој се однесува на спомениците какви што се „Воинот на коњ“, „Цар Самуил“, „Никола Карев“, споменикот „АСНОМ“, Лавовите на мостот Гоце Делчев и други изработени од исто правно лице во Италија. До ова дојде откако синоќа полицијата ги приведе поранешниот градоначалник на општина Центар Владимир Тодоровиќ, поранешниот претседател на општинскиот Совет Владимир Здравев и уште три други лица.
-До судија за претходна постапка поднесени се барања за претреси, одземање имот поради идна конфискација, замрзнување банкарски сметки, барање за притвор. Се спроведува постапка против 15 лица, каде што, освен македонски државјани, има и државјани од Италија, поради сомневање дека сториле кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари, рече обвинителот Љубомир Лапе кој рече дека не може да ги открие нивните имиња бидејќи се постапува во моментот.
Тој додаде дека притвор се бара за седум осомничени лица бидејќи сомнежите се дека тие ќе се дадат во бегство.
-Од втората половина на 2007 година, првоосомничениот , искористувајќи ја службената положба како претседател на владата, како и тогашниот советник и градоначалник на општина Центар, се приврзале за добивање значајна корист. Осомничените почнале со реализација на проектот „Скопје 2014’ за кој не постои програма, документ од надлежен орган. Иако станувало збор за значајни за државата, иницијативите се поднесувале пред Советот на Општина Центар, па се почнувале постапки за меморијални споменици за кое единствено надлежно е Собранието. Осомничените потпишувале незаконски владини одлуки и трансферирале средства во Општина Центар. Осомничените си обезбедиле финансиски средства, вкупен износ од 57 милиони евра, рече обвинителот Лапе.
Тој даде пример со еден споменик кој тендерски во земјава е платен 4,7 милиони евра, а во Италија каде што бил изработуван на подизведувач е платен за 2,3 милиони евра.
-Петто- и шестоосомничените како градоначалници на Центар, четвртоосомничениот како претседател на Советот на Центар, при вршењето јавни набавки направиле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Тие спровеле незаконски јавни набавки. При изборот прифатиле понуди со нереални цени.. Италијанскиот државјанин потпишувал договори иако немале дејност леење и изработка на мебел. Со поддоговори тој лажно прикажувал дека ги изработувал, а работите ги префрлал на други правни лица, додаде Лапе.
Парите од Италија исплаќани од Македонија биле враќани, тврди обвинителот.
-Лица од Италија, преку правните лица, преку банкарски средства со фиктивни фактури пренеле пари од Италија во Македонија. Од овие средства од правното лице во Македонија и предадени на еден од осомничените дел е префрлен на други правни лица, каде што повторно биле подигнати во готовина, наведе обвинителот.
Според Лапе, тендерски се плаќани двојно наспроти набавната вредност во Италија. Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година кога се набавувале десетте споменици, дел од „Скопје 2014“. Истрагата е отворена по 10 години, а колку ќе се чека за обвинение, не знае ниту обвинителот. Тој вели дека се чекаат докази од пет странски држави.
Инаку, според наведените функции коишто ги извршувале осомничените лица во тие периоди може да се заклучи дека се работи за поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Зоран Ставрески и Елизабета Канческа –Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев…




