Од деветмина приведени од акцијата на Табановце шестмина добија притвор

Притвор е изречен на шест лица од вкупно деветмина приведени по вчерашната полициска акција на граничниот премин Табановце. Тројца од уапсените девет полицајци и цариници добиле 30 дена притвор, дознава 24Инфо.

За две лица е одреден 8 дневен притвор и едно лице ќе биде во куќен притвор, додека  останатите три лица се со мерка претпазливост и одземени им се пасошите.

Командирот и заменик командирот на полициската станица на граничниот премин „Табановце“ се меѓу деветмината уапсени во акцијата на МВР и Обвинителството за гонење на организиран криминал, соопшти вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Меѓу уапсените се и раководител на смена на преминот како и уште шест полициски службеници.

Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување како и за примање поткуп.

-Акцијата ја изведе Одделот за спречување на организиран криминал. Извршени се претреси на работниместа но и во нивните домови за да се најдат предмети кои потекнуваат од кривичните дела, соопшти министерот Спасовски.

Според неофицијални информации на граничниот премин е најдена кутија во која имало засега непозната сума на денари и девизи. Од МВР официјално нема потврда што е откриено и запленето кај осомничените полициски службеници.

Акцијата која вчера ја изведе МВР во содејство со Обвинителството за организиран криминал траеше неколку часа поради што граничниот премин „Табановце“ беше затворен за сообраќај и се создаде поголема колона на возила и патници кои негодуваа поради времето минато во чекање на преминот.

Претходна вестКазнети 124 возачи во Скопје, тројца поминале на црвено…
Следна вестЛавров: Анонимни претставници на Пентагон се закануваат со атентат на Путин