Од Ватерло започна европската промоција на историското дело „Македонци – Милениумски сведоштва за идентитетското име“

Д-р Бранислав Светозаревиќ, вчера во Ватерло, до Брисел, ја започна европската турнеја на своето историско дело „Македонци – Милениумски сведоштва за идентитетското име“. Дел од Македонците, населени во Белгија, беа и домаќини и гости во салата Бела Вита, каде што внимателно ги следеа излагањата и фактите за македонската историја запишани во делото.

Промотори на книгата која што ја решава националната загатка, беа Александар Крстески, претседател на Светскиот Македонски Конгрес за Европа, и Маја Славева, докторант на безбедносни науки.

– Вечерва авторот на книгата, д-р Бранислав Светозаревиќ ќе се обиде да ви пренесе колку е значајна оваа книга за Македонија. На неа има работено долго време, меѓутоа тајмингот во кое време излезе оваа книга е фантастичен. Во овие моменти кога Македонија е нападната од многу страни, оваа книга е „нуклеарна бомба“, особено за Бугарите. Книгата докажува дека Македонецот е само Македонец и ништо друго, заклучи Крстески.

Славева пред македонската публика прочита цитати од македонски борци и дејци кои што се запишани и документирани во книгата, кои што докажуваат дека борбата на Македонците и нивната национална свест била македонска. Таа информираше дека делото „Македонци – Милениумски сведоштва за идентитетското име“ можеме да ја читаме на македонски и на англиски јазик, а меѓувремено се преведува и на српски и хрватски јазик.

– Делото на Бранислав Светозаревиќ претставува комбинација од збирка на над 1000 документирани сведоштва од целиот свет. Тоа не е книга која што ќе се прочита како роман. На неа се навраќаме многупати, а неретко и ја препрочитуваме, затоа што периодот од 2.000 години од пропаста на македонската античка држава до создавањето на македонската современа држава е преполн со борба, со маки, но и со славје, моменти кои не’ потсетуваат дека постоеле неброени знајни и незнајни Македонци кои не само што го пренесувале името на нивните наследници, туку го прифатиле да го носат по цена на секакви жртви, истакна Славева.

На крај, авторот, д-р Бранислав Светозаревиќ се заблагодари на организаторот и на присутните во салата за одвоеното време.

– Денес повторно ќе мораме да се преброиме како Македонци, и тоа е подобро така, да знаеме на што сме и од тука некаде да ја запишеме нашата приказна, Македонија, која ниту има почеток, ниту има крај. Во денешницава изгледа дека ние сме виновни што сме Македонци, ние сме криви што сме живи во оваа специјална војна. Секаде каде што Македонецот ќе допре, тој го носи името Македонија со себе. Ова дело не е мое. Оваа книга е на сите Македонци ширум светот и означува точка на спојување на сите Македонци, истакна д-р Светозаревиќ.

 

Претходна вестИнцидент пред неделното дерби во Кавадарци: Комити ги нападнале Лозари, им одзеле транспаренти
Следна вестМалолетник бил нападнат од тројца соученици со тврд предмет