Охридскиот сликар Славко Упевче изложи слики со мотиви од Свети Наум

Со изложба на дела од Славко Упевче со мотиви од Свети Наум во „Куќата на Уранија – МАНУ“ во Охрид беше отворена традиционалната Научна и уметничка визита 2023 година во организација на МАНУ.

Станува збор за јубилејна петта изложба на Упевче во „Куќата на Уранија“. Сликите претставени на изложбата се пејзажи од едно од најубавите места на охридското крајбрежје, Свети Наум.

Промотор на изложбата бил истакнатиот академски сликар и мозаичар Газанфер Бајрам, кој во обраќањето пред присутните потенцирал дека кога се бараат податоци за Охрид обично се бараат кај некој хроничар. Токму Славко Упевче спаѓа во хроничарите кои не го опишуваат Охрид со зборови, туку го слика.

– Гледаме дека има слики кои се настанати од 70-тите години на минатиот век па сѐ до денес. Ќе ги видиме сите непристапни делови на изворите на Дрим, воденица која веќе не постои, поглед кон манастирот кој денес не вреди од нови градби, поглед волшебен и доловува чувство дека е сликан од езеро или копно, како што вие чувствувате. Со голем сензибилитет ги прикажува изворите во сите годишни времиња. На неговите пастели ќе ги видиме Галичица, снежно белиот паун кој веќе го нема, одразот на небото и дрвјата во мирните води на одразот во Дрим и на езерото. Се гледа дека ја чувствува природата и ги согледал местата на кои веќе немаме пристап. Со сето ова Упевче се впишува во листата на охридските хроничари и неговото творештво предизвикува носталгија, изјавил Бајрам.

Изложбата ќе може да се види за целото времетраење на годинашната Научна и уметничка визита 2023 година во „Куќата на Уранија – МАНУ“ во Охрид, чија програма продолжува на 10, 11 и 12 август со лингвистичка работилница насловена „Дијалектна обработка на македонскиот јазик“ во организација на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.

Претходна вестАвстралијци мислеа дека снимиле метеор, испадна дека е руска ракета
Следна вестОсмани ја смени плочата: Даде нов датум за уставните измени