Опозицијата бара вонредни избори, власта предлага промени на Изборниот законик

Ќе започне процес на подготовка за донесување на нов Изборен законик. Сетоа тоа почнува неделава, информира денеска министерот за правда Никола Тупанчески.

– Идејата е од Министерството за правда иницијално да тргне процесот за подготовка на нов Изборен законик, кој би значел вградување на сите препораки од меѓународниот фактор, пред се од ОДИХР/ОБСЕ, меѓутоа и забелешките од другите засегнати страни, посочи Тупанчески.

Во текот на оваа недела, информира тој, до сите засегнати страни ќе биде испратен допис во кој ќе бидат поканети пред се политичките партии, да земат учество во подготовката на Изборниот законик. Тој најави дека ќе бидат поканети и другите засегнати страни, односно невладините организации, здруженија и сите кои на некој начин се поврзани со изборната проблематика.

– Сакаме процесот да биде транспарентен и инклузивен зашто се работи за хиперсензитивна материја која може да има широк појас на консеквенции во однос на она што се нарекува имплементирање на демократијата во најширока смисла на зборот, појасни Тупанчески.

Какви ќе бидат предлог измените засега не е познато. Се знае само дека треба да се почитува начелото на консензуалност при донесувањето, што укажува дека троцесот долго ќе трае.

Да потсетиме, токму неделава почна и зголемениот притисок и активни блокади во собранието од страна на опозицијата за што побрзи вонредни парламентарни избори.

Претходна вестЗа слобода на тротоарите: Поставени 258 заштитни столбови низ Скопје
Следна вестСинодот на МПЦ-ОА: Продолжуваат разговорите со СПЦ