Општина Аеродром: Нема да дозволиме затворање на училиштата

Неопходно е наставата во училиштата да се одвива со физичко присуство а и покрај пречките од централната власт општината Аеродром ќе го обезбеди тоа, соопшти денеска оваа скопска општина.

Во соопштението се наведува дека и покрај немањето слух на централната власт за проблемите со кои се соочува локалната самоуправа, а за што говорат и намалените дотации и трансфери во време на сериозна енергетска и економска криза, Општина Аеродром останува цврсто на ставот дека неопходно е учениците да останат во училишните клупи.

-Секоја одлука спротивна на ова негативно ќе се одрази на целиот образовен процес. Општината ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образовниот процес. Вклучително и преземање на целиот товар кој ќе произлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку од страна на централната власт биде наложено, се наведува во информацијата.

Општина Аеродром потсетува дека таа веќе презема сериозни мерки за штедење електрична енергија.

-Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади. Учениците и непреченото одвивање на наставата со физичко присуство се наш врвен приоритет, а општината Аеродром останува цврсто посветена во обезбедувањето соодветни услови за настава и згрижување на најмладите, се вели во соопштението.

Претходна вестСДСМ: ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски се против ЕУ и сите стратешки одлуки на земјата
Следна вестКој се однесува неразумно околу астрономските цени на некои прозводи во маркетите?