Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот отчет пред новинарите за сработеното последните 2 години, даде одговор на изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој кажа дека само „Деве Баир го дели истиот народ“. Османи не го осуди Џамбаски туку побара од него да се дообјаснел.
-Европратеникот можеби мислел на 3.000 Бугари кои живеат во Македонија, и ако е така, во ред, но самиот Џамабски треба да каже на што точно мислел, рече Османи.
Во отчетот за сработеното, Османи вели дека имале динамичен период, и во наредниот период ќе се труделе да бидат што потранспарентни. Рече дека кога станал министер имал неколку приоритети, и тоа добрососедски односи, добри односи со САД, ЕУ, економска дипломатија итн. Како успех го наведе фактот дека во Бугарија е поништена Декларацијата која беше пречка за старт на преговори.
-Успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог, рече Османи.
Во врска со францускиот предлог, но и реакциите на над 150 академици, научници, професори во Македонија кои се категорично против препораките на т.н. македонски членови на мешовитата комисија со Бугарија – Османи смета дека времето ќе покаже дека Владата донела добра одлука.
Во врска со односите со Грција вели дека се продлабочени, а во „Отворен Балкан“ гледа унапредување на односите со Србија и Албанија.
-Решен е спорот со црквата, а имаше и чествување на Илинден во манастирот Прохор Пчински. Со Косово се склучени многу билатерални договори, додаде тој.