Османи организирал средба на Лавров со малтешкиот министер Борг

Средба меѓу македонскиот, рускиот и малтешкиот министер за надворешни работи Бујар Османи, Сергел Лавров и на Иан Борг била одржана вчера попладне на маргините на Министерскито совет на ОБСЕ што се одржува во Скопје. За средбата првично соопшти Амбасадата на Русија во Скопје на својот официјален фејсбук-профил, но освен заедничката фотографија, не беше објавена никаква подетална информација околу средбата.

По ова, македонското Министерство за надворешни работи потврди дека имало ваква средба. Таа била свикана од шефот на македонската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ со цел обезбедување натамошно функционирање на институциите на Организацијата.

-Денеска, на маргините на 30. Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со Организацијата, Бујар Османи ги повика министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, чија земја се очекува да го преземе претседавањето со ОБСЕ за 2024 година и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров. Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата, се наведува во соопштението.

Малта треба да го преземе претседавањето со ОБСЕ во наредната година, а тоа треба да се потврди денеска во продолжението на работата на Министерскиот совет. Изборот на Малта за иден претседавач со ОБСЕ беше постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.

Претходна вестСкопје утринава меѓу десетте најзагадени градови во светот
Следна вестАмериканскиот функционер О’Брајан се сретна со Мицкоски