Скопје утринава меѓу десетте најзагадени градови во светот

Загадениот воздух од синоќа ја зафати македонската метропола при што загаденоста продолжи и утринава. Според податоците на интернет страницата IQAir од 6 часот утринава Скопје е на 9-то место во светот според загаденоста на воздухот. Измерениот индекс на загаденоста е 156, а што повлекува предупредување дека воздухот е нездрав за дишење. Препораката што се дава до граѓаните е да се носи заштитна маска, да не се спортува надвор, а во домовите да не се отвораат прозорците. Најголемо е загадување со штетните ПМ2,5 честички, со консентрација од 65,6 микрограми на кубен метар воздух. На прво место според загаденоста е Делхи, Индија со индексот 484.

Скопје и синоќа беше мошне загаден. Околу 22 часот индексот на загадувањето беше 174, а воздухот е оценет како штетен. Во главниот град беа измерени 100 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, што, според „Ај-кју-ер“ е 20 пати поголема концентрација на оваа честичка од годишната вредност на упатството за квалитет на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).

Советот на Град Скопје неодамна ја изгласа одлуката за итни мерки за заштита на квалитетот на воздухот, а што беше иницијатива на граѓанската организација Зелен хуман град. Сега, по овој бран на загадување, останува да се види дали ќе почнат и да се применуваат.

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди
Следна вестОсмани организирал средба на Лавров со малтешкиот министер Борг