За Дарија Андовска, професорка, композиторка и пијанистка, има многу забeлешки за тоа каков е сега нејзиниот роден град. Но, и покрај се, таа безгранично го сака…
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Мирисот на липи во јуни. Звукот на играње табла. Маалски џагор на деца. Повикот „старо купуем“. Скришни скратени патеки. Поздрав со познаници во разминување. Купување на рабуш во локалното гранапче. “Ај на кафе“, силна сенка и мирно пиркање на ветре. Дупнати топки во дворот на комшијата. Ама, исто така и комшиската бормашина во недела наутро. Континуираниот звук на градење. Фармерки испрскани од автомобили кога врне. Ќеси отпад фрлени од прозор. Испукан асфалт и исушени тревници. Заглавеност во сообраќај. “Дај некоја паричка, да ти е жива швалерката“. Пуштете воздух, се угушивме.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Носталгијата го прави своето, иако сметам дека не е тоа повеќе или помалку сакање. Едноставно е различна љубов. На некои нешта сме се навикнале, некои се смениле, нешто е подобро, нешто е полошо. Но, никогаш нема да можам да не го сакам Скопје- го сакам, какво и да е. Скопје е дома.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Освен што насилно и дивјачки се градат згради и зданија, без концепт, естетика и урбанистичко планирање, не гледам дека нешто добро му е дадено на Скопје од страна на градоначалниците. Или, да, постојат некои интервенции, кои се добри во суштина, но минорни во однос на останатото.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Мислам дека успевам да дадам, не верувам дека некогаш ќе биде доволно. Како даскал и човек кој верува во континуирана наобразба и работа на себе, не сметам дека некогаш ќе речам „е ова е доста, доволно е“, не затоа што сакам да приговарам, туку зашто секогаш може подобро. Се трудам да бидам добар пример за културно, градско и пријателско живеење. Но, исто така и ми успеа да ги ставам Скопје и Македонија на светската мапа во современата музика. Дали е тоа доволно? 🙂 Секогаш може повеќе и подобро.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со духот на граѓаните. Со љубезната насмевка од срце. Со храброста и солидарноста, опуштеноста и отвореноста. Се гордеам со милениумската историја, со богатството на Скопје за кои малкумина знаат. Со задоволство го истражувам и презентирам на моите пријатели од странство. Градот феникс.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Недостасуваат урбани и инфраструктурни решенија кои ќе го направат градот пофункционален. Недостасуваат повеќе зелени површини. Недостасува чист воздух или барем релативно чист, во рамките на толеранција. Недостасува барем еден џез клуб. Недостасуваат концертни сали, театарски простори. Ако одземам- би ги отстранила дивите депонии, согорувачите на увезен отпад, би го решила проблемот со Охис. Суштински работи, не шминка.
Во какво Скопје сакате да живеете?
– Во Скопје кое се сака и почитува себеси, а и сите кои живеат тука или се само во поминување. Скопје кое е функционално, отворено, зелено и разнобојно, шармантно, одговорно, совесно, чисто. Солидарно Скопје. Весело Скопје. Дружељубиво, како и секогаш.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје е пренатрупано. Како пример, според официјалната статистика, во општина Аеродром живеат околу 80.000 граѓани, а има само 2 влеза- еден кај Железничката станица и уште еден кај Кисела Вода. И уште допрва се гради. Се чини дека никој не размислува за инфраструктурните можности, од типот дали водоводната мрежа може да издржи вакви оптоварувања или како сите овие луѓе ќе стигнат до работа и назад низ овие две тесни грла. За паркинг и да не зборувам. Скопје треба да се решава систематизирано и со долгогодишни, па и децениски планови, а не да биде жртва на градежната мафија. Нормално е градовите да растат.