Откако бугарското МНР го укори, Рама со одговор: Или подигнете го ветото или трпете ме мене!

Албанскиот премиер Еди Рама денеска реагираше на соопштението од Бугарското министерство за надворешни работи кое го предупреди дека е недозволива неговата „ексцентричност“. Реакцијата на официјална Софија дојде по говорот на Рама на Самитот ЕУ-Западен Балкан, вчера во Брисел во кој бугарското вето за Македонија го оквалификува како „Срамно“.

Во објавата на својот профил на социјална мрежа Твитер Рама порача дека бугарските власти ќе мора да го трпат.

-О! Бугарското Министерство за надворешни работи има проблем со мојот начин на изразување! Во ред. Јас имам проблем со начинот на кој Бугарија сака да ги реши билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање на две НАТО-земји! Полека, пријатели: или подигнете го ветото или трпете ме мене!“, напиша во објавата Еди Рама.

Претходно, бугарското МНР побара албанскиот премиер „да го прилагоди своето изразување и јазик, како што соодветствува за политичар од земја-кандидат за членство во ЕУ“.

-Не е првпат да слушаме неиспровоцирани остри, навредливи квалификации од еден шеф на влада. а ова ниво секогаш сме ја покажувале сета почит што бара одговорна позиција и ниво на меѓудржавни односи. Имаме заедничка иднина со Албанија. Политичарите си заминуваат. Нациите остануваат. Нашите народи имаат заеднички интерес, кој не смее да се поткопа со погрешна проценка на еден политичар. Недозволиво е односите меѓу државите да станат заложник на ексцентричноста на актуелниот албански премиер, соопшти бугарското МНР.

Претходна вестСтојанче Ангелов појаснува: Забраната за движење во шумите не важи за Водно, Маврово, Галичица, Пелистер и Шар планина
Следна вестБугарското собрание го прифати францускиот предлог и додаде уште четири услови