Бугарското собрание го прифати францускиот предлог и додаде уште четири услови

Прифаќање на францускиот предлог но и негово дополнување со уште четири други услови изгласа денеска мнозинство на пратеници во Бугарското Народно собрание. Предлогот на пратеникот Христо Иванов и на партијата Демократска Бугарија за прифаќање на францускиот предлог со дополнетите услови, беше изгласан со 170 гласа „за“, 37 „против“ и 21 „воздржан“.

Дополнителните услови под кои Софија може да го поддржи процесот на европска интеграција на Македонија се: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Со ова Народното собрание на Бугарија ѝ даде мандат на владата да го одобри францускиот предлог за кревање на ветото кон Македонија. Според процедурите, тоа е првиот чекор кон давање зелено светло за кревање на ветото за Македонија да ги започне преговорите со Европската Унија.

Во текот на дебатата се слушнаа многу обвинувања за тоа кој бил предавник, кој ги изневерил, а кој ги заштитил бугарските национални интереси, до речиси едногласната констатација дека ова е најдобриот предлог што Бугарија го добила до сега. За време на седницата, пратениците од Преродба кои се против овој предлог на француското претседателство на ЕУ, истакнаа транспаренти со натпис „Македонија е Бугарија“.

Претходна вестОткако бугарското МНР го укори, Рама со одговор: Или подигнете го ветото или трпете ме мене!
Следна вестСкопје доби нов зелен плоштад на кеј „Димитар Влахов“