Па нели Македонија ќе беше една изборна единица?

До скорo сите за него зборуваа, сега веќе никој не го ни спомeнува. Ваков е „статусот“ на предлогот за прoмена во Изборниот законик со кој Македонија би станала една изборна единица. A власта силно ветуваше (дури и на своите помали коалициони партнери) дека тоа ќе биде изгласано.

Идејата е стара веќе неколку години. Поодамна ги помина и првите собраниски комисиски филтри. Ама потоа се застана.

Помалите партии кои се дел од владината коалиција лани дури и поставија „ултиматум“ дека ќе излезат од власта ако не почне процесот на усвојување на овој предлог. СДСМ и ДУИ им ветија дека ќе се разгледа прашањето, ама…

 Сега, откако е договорен датумот на претстојните претседателски и парламентарни избори, ќе се случат само помали промени во Изборниот законик. Тие се врзани за финансирање на политичките партии и заштита на избирачко право, врз основа на препораките на ОБСЕ, но не и клучното барање за една изборна единица.

Помалите партии од власта како да заборавија на „ултиматумот“ дека ќе ја напуштат владата ако не се исполни нивното барање. Големите партии веднаш „заборавија“ да се обидат да направат поправеден изборен модел во земјата.

Сега е прашање дали воопшто нешто и може да се направи со оглед дека никој од партиите не ја ниту спомнува промената на изборниот модел. Излегува дека и претстојните избори ќе поминат без бараната промена којашто треба да овозможи посоодветна застапеност на народните избраници во Собранието. Всушност така ќе беше повидлива и поконкретно остварена политичката волја на граѓаните.

Претходна вестСлики кои ги немало во Германија: Земјоделците ја блокираат државата
Следна вестОдбраната бара домашен притвор за таткото на убиената Вања Ѓорчевска