Патарините се поставени за возачите да патат или…?

Концептот на наплата во Македонија е апсурден, дискриминирачки и скап. Сумирано годишно, патарина за еден вработен кој оди од Гевгелија во Скопје чини околу 3.120 евра, а во Швајцарија се движи низ целата земја за само околу 40 евра, вели Митко Николов

Дали да тргнеш до некој град во Македонија за возачите е претворено во дилема и пресметка за исплатливост. Тоа го диктираат секојдневните поскапувања на горивата за возилата, но и цените на патарините. Доволно е да се види дека во земјава има вкупно 18 наплатни станици на различни патни делници, односно, по 3-4 на одредени делници, кои наплатуваат патарини во распон од 30 па до 100 денари за стандардни возила, па да се види дека патувањето станало многу скапо. Да не зборуваме дека се на многу куси делници, а голем дел од тие делници се со одрони, неодржувани коловози… . Треба ли да биде така? Патарините се поставени за да патат возачите или…?

Само за возење од Скопје до Гевгелија и назад, за вкупната делница од околу 300 километри, треба да се платат 720 денари за сите патарини. Тоа е речиси 40 проценти од сумата што ќе се потроши за горивото во двата правци. Слично е и за дугите правци.

Ако на цената на горивата може да се влијае за нивно намалување, тогаш зошто патарините се не намалат исто така? Да, се најави дека ќе има намалување на патарините, ама… Сегашната формула по која тие се пресметуваат основ има во надоместокот од 2,57 денари за еден километар. Тие пари најмногу се наменувата за изградба на нови и одржување на постоечките авто патишта. Но, граѓаните не се здоволни од тоа и бараат поинакви решенија. 

-Како долгогодишен возач на автобус секојдневно сум на пат и можам да кажам дека од патиштата не сум задовоен. Катастрофа невидена, дупка до дупка, а плаќаме патарина. Очигледно е дека парите не одат на право место. На народот му мачкаат очи до асфалтирања со слој од 2-3 сантиметри. Што е и тоа – секој град патарина!? Какви ни се патиштата не треба воопшто да плаќаме патарини, ни вели Тони Јованчев.

И другите граѓани се незадоволни.

-Не добиваме многу за возврат што плаќаме патарини. Возиме по неквалитетни патишта, без разлика која партија е на власт. Апсолутно треба да се намалат цените на патарините, а се согласувам дека треба да се заменат со вињетки, смета Горан Карајановски.

Љубиша Цветковиќ, пак, ни вели дека патарините се посебно скапи и неиздржливи за лица коишто патуваат секојдневно.

-Треба да се воведат годишни вињетки, а тиа дали ќе се плаќаат при регистрација или кога сака возачот, треба да се остави на избор на корисниците, смета овој граѓанин.

Деновиве и партијата Левица достави предлог до македонскиот парламент за намалување на патарините.

– Предлагаме намалување на висината на енормно високата цена на патарините за 50 проценти, се наведува во нивниот предлог-закон доставен со македонскиот парламент.

Но, и покрај вакво незадоволство и барања патарините се уште „возат“ по висока цена. Надлежните од ЈП за државни патишта уште лани најавија дека ќе ги преиспитаат цените, но…

 Како е во Македонија, а како во Швајцарија

Митко Николов направи пресметка колку граѓаните ги чинат патарините во Македонија и во Швајцарија. Во оваа земја, според него, годишна патарина за сите правци, и за Швајцарци и за странци кои транзитираат изнесува околу 40 евра.

– Концептот на наплата во Македонија е апсурден, дискриминирачки и скап за македонските граѓани. Сумирано годишно, патарина за еден вработен кој оди од Гевгелија во Скопје чини околу 3.120 евра, а во Швајцарија се движи низ целата земја за само 40 евра. Нужно и најитно е потребно да се воведе единствена годишна патарина. Освен ова, патиштата ни се претворени во депонии, а се собира патарината, смета Николов.

Претходна вест224 санкционирани возачи во Скопје, 63 за брзо возење
Следна вестАко изградиме тие ќе дојдат