Пендаровски ја претстави Рамката за развој МКД 2030: Економски раст, енергетика, дигитализација и образованието

Забрзан економски раст, заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образованието, младите и инклузивниот развој, се четирите приоритети на Рамката за развој МКД 2030 којашто денеска беше промовирана од претседателот Стево Пендаровски.

– За да постои реална шанса за подобра иднина, од пресудна важност е клучните фактори во државната и општествена инфраструктура да стојат зад една, единствена визија за долгорочен развој. Токму поради тоа и го иницирав процесот за изработка на Рамката за развој МКД 2030 кој, иако најавен во втората половина на 2019, поради пандемијата дури денеска имам задоволство да ви го претставам, рече Пендаровски.

Тој објасни дека МКД 2030 не е кабинетски, туку теренски документ и дека експертите го  создаваа преку широки консултации во инклузивен и транспарентен процес.

-Некои од нашите најдобри умови ни ја ставија на располагање својата експертиза и искуство. Над 60 организации и поединци од граѓанските здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации, беа вклучени во различни фази од изработката на овој стратешки документ. Од процесот кој траеше со месеци, беа искристализирани четири приоритети, со 166 конкретни препораки, групирани во 24 области, рече тој.

Шефот на државата наведе дека првиот приоритет е забрзан економски раст. Тоа подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, нови домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен и динамичен пазар на трудот. Вториот приоритет е заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика бидејќи квалитетот на животот и на здравјето директно зависи од квалитетот на животната средина. Редефинираната енергетска политика ќе треба да биде долгорочно насочена кон задоволување на внатрешните потреби, пред сѐ, од обновливи извори на енергија, и истовремено да биде отпорна кон надворешните енергетски шокови.

-Третиот приоритет е дигитализацијата при што е неопходно забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образование, целосна дигитализација на јавните услуги, подигнување на дигиталната писменост и форсирање на многу посилен развој на македонскиот ИТ сектор. Четвртиот приоритет се образованието, младите и инклузивниот развој, три области кои се органски поврзани. За да излеземе од надолната спирала на сиромаштија, социјална исклученост и масовно иселување, потребно ни е образование адаптирано на потребите на пазарот на трудот. Приоритет е да работиме на намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост, да развиваме современи културни политики, да промовираме почитување на човековите права, и да вложуваме во медиумската писменост неопходна за разликување на вистината од лагата, нагласи претседателот.

Според него, како натпартиска платформа, МКД 2030 може да послужи како основа за надминување на длабоките поделби преку симболична обнова на општествениот договор.

-Развојните приоритети ќе треба да бидат почитувани од секоја идна власт, и да важат за сите, подеднакво. На тој начин, МКД 2030 може да биде продуктивен дел од процесот на граѓанското помирување, порача Пендаровски.

Претходна вестЈСП „Скопје“: Платите ќе се зголемат, најавениот протест е политички мотивиран
Следна вестВархеји сака договор во јуни, Петков со три барања кон Скопје