Пендаровски ќе дели ордени и одликувања во Њујорк и Чикаго

На долг пат тргна македонскиот претседател Стево Пендаровски. Имено, тој од 18 до 22 септември 2023 година ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Предвидено е Пендаровски на 22 септември да се обрати на Генералната дебата, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините Цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.

Што светот ќе чуе од Пендаровски, не е познато. Засега се знае само дека е предвидено за време на престојот во Њујорк претседателот да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Македонскиот претседател ќе ја одликува Организацијата на Обединетите Нации со Орден, а ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Гутереш.

За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателот Пендаровски ќе оствари билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното Собрание.

Во состав на македонската државна делегација се заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

За време на работната посета на САД, претседателот Пендаровски ќе го посети Њу Џерси, кадешто е предвидено да оствари средби со претставници на македонската заедница, а ќе го посети и Чикаго, кадешто ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“.

Инаку, во овој период и премиерот Димитар Ковачевки ќе е во САД. И тој е со делегација, во која е и заменикот премиер, Бојан Маричиќ.

Претходна вестПожарот кај Могила ја оштети пругата, не сообраќаат возови на делницата Прилеп – Битола
Следна вестМВР пак упати апел возачите да не возат пребрзо