Планско исклучување или дефект во Блок 1 на РЕК Битола?

Спротиставени информации околу причините за неработењето на Блок 1 во РЕК Битола соопштија денеска опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и државното АД ЕСМ. Во партиското соопштение ВМРО-ДПМНЕ наведе дека Блок 1 на РЕК Битола е повторно надвор од мрежа од 23.01.2022 и тоа со скинати цевки на котел.

-Исто така само за да може да се прави ПР со лаги и фалби, истиот подолго време се експлоатирал и со дефект во кондезаторскиот дел, за да може владините претставници да се сликаат една недела. Колкави штети се направени со ваквото недозволено работење на турбината и на котелот ќе гледаме во следнот период, наведоа од оваа партија.

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека подолго време и БЛОК 2 се експлоатира со недозволени параметри и без посериозни ремонти.

-Зошто ова се прави и кои ќе бидат последиците ќе покаже времето. Од извори во ТЕЦ Осломеј потврдено е дека синоќа повторно избило пожар кој вешто се премолчува од страна на власта. Наместо реална слика во енергетиката, власта излегува со евтин ПР дека продаваат вишоци, дека сẻ е под контрола и слично. Ова што го објавуваме е само дел од катастрофата која ја предизвика владата на СДС и ДУИ во енергетскиот сектор. Неремонтирани постројки, криминални тендери во четири очи, испумпани милиони евра и понижени работници. Власта не произведува електрична енергија , хидропотенцијалот е на минимум, ПР-от е на максимум, но тендерите во четири очи со „херојски” авансни провизии кои достигнуваат и до милиони евра, течат без проблем во РЕК Битола, се наведува во објавата од ВМРО-ДПМНЕ.

На овоа од АД ЕСМ одговорија дека дефектот не се случил.

-Во РЕК Битола нема дефект на Блок 1, ниту било какви други сериозни проблеми на некоја од постројките. Блок 1 на РЕК Битола е плански исклучен од мрежа заради повеќе интервенции на различни позиции во постројката. Предвидено е активностите да завршат до сабота и викендов Блок 1 повторно да биде ставен во функција. Активностите се преземени плански токму деновиве бидејќи сите останати капацитети на АД ЕСМ се во погон и произведуваат електрична енергија со која во целост се задоволуваат потребите на домаќинствата, на малите потрошувачи и на останатите капацитети согласно владините задолженија, се наведува со соопштението од АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола.

Претходна вестПрегазени двајца пешаци од 23-годишник
Следна вестЛевица: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ ја задолжуваат државата со огромни кредити