Почина Благоја Стефановски- Баге, поранешниот министер за култура, директор на Битолскиот театар и актер, на 67 годишна возраст. Според информациите Стефановски периодот боледувал од друга болест, но откако бил направен тест резултатите излегле дека тој е позитивен на корона-вирусот.
Познавачите на неговиот лик и дел ќе речат дека тој е заслужен за големите успеси кои Битолскиот театар ги постигна, не само дома и во регионот, туку и на гостувањата во странство. Стефановски беше министер за култура од 2002 до 2006 година, во владата на Бранко Црвенковски, а потоа го формира приватниот „Мал драмски театар“ во Битола.
Стефановски беше еден од креаторите на Новата европска театарска асоцијација и селектор на Фестивалот на камерен театар „ Ристо Шишков“ во Струмица. Добитник е на наградата „ 4 Ноември“, минатата година од Општина Битола.