Откако ноќеска на полноќ стапи тридневниот изборен молк, од изутрина почна гласањето на пријавените лица кои се заболени од Ковид-19 и на лицата кои се во самоизолација на предвремените парламентрани избори. Општинските изборни комисии во земјава прифатиле 716 барања од лица позитивни на корона вирусот или во самоизолација, а кои ќе бидат посетени од избирачките одбори составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии.
Утре, во вторник, на 14 јули ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор. Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Гласањето во вторник ќе го спроведат избирачките одбори. Во среда, пак, ќе гласаат сите останати граѓани кои имаат право на глас и за нив гласањето ќе започне од 7 часот и ќе трае до 21 часот.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.