Полицијата ќе ги попречува тепачките меѓу средношколците во Гази Баба

Со повеќе полицајци во автобусите, на постојките и на критичните места ќе се попречуваат тепачките меѓу средношколците на подрачјето на Гази Баба од населбите Ченто и Стајковци, договорено е на денешниот состанок на општинскиот Совет за превенција. Средбата е свикана по неколку тепачки во кои имало и повредени ученици а по иницијатива на градоначалникот Бобан Стефковски.

-Полициската станица од општа надлежност Гази Баба презема обврска во следниот период да обезбеди зголемено присуство на униформирани службеници на критичните автобуски постојки, внатре во автобусите, но и во критичните населени места. Општина Гази Баба презема обврска да достави барање до ЈСП Скопје во кое ќе се побара автобусите кои се обраќаат на тој дел од општината да имаат функционален мотиноринг видео систем, како и зајакнување на контролата на терен, информира градоначалникот за заклучоците на Советот.

Покрај ова донесени се и други заклучоци меѓу кои Општината, во насока на идна превенција да организира најразличен вид настани со ученици од различни етнички заедници со цел поттикнување на соживот и другарување. Локалната власт треба да го информира Секторот за образование на Град Скопје за приклучување во активностите за надминување на настанатата ситуација, бидејќи учесниците во настаните се средношколци, а се презема и обврска за организирање на состанок со директорите на скопските средни училишта.

-Ќе направам сѐ што е во моја надлежност во иднина вакви и слични немили настани да не ни се повторат. Гази Баба е мултиетничка општина и наша обврска е да работиме на градење соживот помеѓу сите генерации на граѓани. Насилството да го замениме со другарување, а омразата со пријателство, вели Стефковски.

Претходна вестОпштина Центар ќе ја проверува сопственоста на земјиштето на кое денес избувна пожар
Следна вестКовачки до Ковачевски: Сам си приложил документ дека си трајно неспособен