Близу стотина лица синоќа нешто пред полноќ биле пронајдени од страна на полицијата во угостителски објект на регионалниот пат Тетово – село Желино кој потоа е затворен поради кршење на епидемиолошките мерки против корона вирусот. МВР денеска соопшти дека интервенција ја направиле полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и интервентната полиција при СВР Скопје во содејство со Државниот пазарен инспекторат.
-Констатирано е дека објектот работи спротивно на законот односно мерките за справување со корона вирусот. При извршената контрола во објектот биле затекнати 94 лица од кои 73 гости, а биле затекнати и 17 државјанки на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Молдавија. Пронајдена е марихуана и метадон при што лишени од слобода се две лица против кои ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од КЗ, се наведува во соопштението.
Против 17 лица ќе биде поднесена соодветна пријава по чл. 418а од КЗ, а против сопственикот на локалот ќе биде поднесена пријава по чл. 206 од КЗ. Исто така, изречени се и три санкции за неносење на лична карта и лицата се приведени во СВР Тетово со цел утврдување на идентитет. При контрола на локалот во посебно изработени рафтови со бројки биле пронајдени пари.
–Од страна на Државниот пазарен инспекторат објектот е пломбиран и има забрана за вршење на дејност со времетраење од 30 дена, се наведува во инфорамцијата