Полициски час од 21 часот, се отвораат и терасите на кафеаните и кафулињата

Од денеска забраната за движење на населението и на возила од јавниот превоз во Македонија ќе важи од 21 до 5 часот наредниот ден. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан-бајрам.

-Pочнувајќи од денеска, сите угостителски објекти може да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти, и тоа до 20.30 часот по што треба да бидат затворени за посетители, информира Владата по вчерашната седница.

Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе може да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично останува. Од денеска престанува да важи и забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.

Како што соопшти Владата, новите мерки ќе важат до 15 мај.

Претходна вестУтринска умерена облачност, попладневен повремен дожд
Следна вестВардар доживеа пораз од Војводина во СЕХА лигата